Премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска остварија средба со група офицери кои се вратија од мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Заев истакнал дека припадниците на нашата Армија се гордост за државата и со својата висока професионалност се посакуван партнер во меѓународните мисии.
„Сега сме членка на НАТО. И како рамноправен партнер споделуваме одговорно во придонесот за зачувување на светскиот мир. Вие ја претставувате нашата земја во најдоброто светло што е исклучително важно“, истакнал Заев.
Министерката за одбрана Шекеринска истакнала дека нашата држава дава значаен придонес со учеството во меѓународните мисии и дека досега се испратени над 4.000 војници.
„Ми претставува задоволство што нашите офицери успешно ја извршија мисијата. Ова претставува огромно искуство за нашите офицери. Од овие мисии се профилираат нашите најдобри професионалци“, нагласи министерката Шекеринска.
Штабните офицери, кои се вратиле од Мазар е Шариф и биле распоредени во рамките на Командата за обука, советување и асистенција – Север, истакнале дека нашите војници и офицери се ценет и доверлив партнер во меѓународните мисии.
Воедно на средбата било нагласено дека останува посветеноста за натамошно учество во постојните и нови меѓународни мисии, а учеството на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, продолжува сѐ до нејзиното завршување.