Утрински Весник
Спорт

Мурињо со голем гест, прифати емотивна молба од македонски новинар

Мурињо со голем гест, прифати емотивна молба од македонски новинар

Менаџерот на Тотенхем, Португалецот Жозе Мурињо направи прекрасен гест пред гостувањето на неговата екипа во Скопје, на утрешниот меч против тетовска Шкендија во рамки на третото квалификациско коло во Лига Европа.

Кога се чинеше дека сите новинари преку апликацијата „Зум“ ги поставија своите прашања до „Специјалниот“, а тој веќе тргна да ја напушта просторијата, се јави македонскиот новинар Игор Александровиќ, па Мурињо се врати за да го слушне и неговото прашање.

Александровиќ немаше прашање за стратегот, туку молба. Побара да се фотографира со Мурињо при неговиот престој во Скопје.

„Мојот покоен татко ми рече пред да почине да ве поздравам ако некогаш ве сретнам. Исто така, би ве замолил да се фотографираме ако одиграте добро затоа што тој е вашит најголем фан, па таа фотографија би ја врамил и би ја ставил на неговиот споменик“ – рече Александровиќ.

Мурињо веднаш прифати, а напомена и дека резултатот на мечот нема да зависи од тоа дали ќе се фотографираат или не.

Со овој потег Мурињо стекна дополнителни симпатии во македонската, но и во англиската јавност.

Инаку делегацијата на Тотенхем со чартер лет пристигнува вечерва, а не е предвиден тренинг на арената „Тодор Проески“. Нема да има ниту прес-конференција во Скопје.

Мечот меѓу Шкендија и Тотенхем започнува утре во 20 часот.

> Мурињо со голем гест, прифати емотивна молба од македонски новинар <



Извор: Makfax

Можете да прочитате

Михајловски: Среќен сум што донесов медал за Македонија

Вардар 1961 со победа го заврши настапот на европската сцена

Хагерти за Надал: Организиравме сè онака како што сакаше Рафа