Утрински Весник
Култура

Промоција на поетските книги: „Подземна тишина“ и „Дедовите внучиња“ од Рате Савев

1 Z7xi36tqsqgs4upvrop78g

На 26.09.2020 (Сабота) со почеток од 12,00 часот во ресторанот „Чардак“ (Летна тераса) во Македонски Брод ќе се одржи промоција на поетските книги „Подземна тишина“ и „Дедовите внучиња“ од професорот по македонски јазик Рате Савев од Македонски Брод.

„Подземна тишина“ е книга поезија која е посветена на пештерите во поречкиот регион. Во поезијата на Савев, пештерите го симболизираат вечното, неминливото, бескрајното, легендарното, но и недопрениот вкус на традицијата и фолклорот што како издлабен потпис во камен, верно го чуваат до крајот на времето. Пештерите се магични сами по себе и тие го хипнотизираат поетот и го намамуваат да продолжи понатаму во длабочините, во нивното повторно откривање, да стане сојузник во нивното подземно тихување. Ова дело е поддржано од Министерството за култура на Р. С. Македонија, а рецензиите за истото ги потпишуваат д-р Билјана Гичевски и м-р Никола Илијовски.

„Дедовите внучиња“ е книгата поезија што претставува поетска читанка за најмладите, а воедно и прва алатка за осознавање на зборовите, детските игри, непосредното опкружување и убавините на животот воопшто. Во книгата се поместени 30 (триесет) песни за кои постои соодветна илустрација. Книгата содржи голема доза на музикалност и пријатна е за исчитување, не само од страна на младите читатели кои допрва се впуштаат во бој со читањето и пишувањето, туку и за возрасните кои се директно вклучени во процесот на растење, воспитување и образование на нивните деца и внуци.

Двете книги се во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола и за нив ќе зборува претседателот на издавачката куќа — м-р Никола Илијовски од Битола.

Рате Савев е роден 1951 година во село Сопот. (Свети Николе). Работел за НИП Нова Македонија и други дневни и периоднички весници и списанија во Републиката, додека најголемиот дел од својата професионална кариера ја поминал како професор по македонски јазик и литература во Гимназијата „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод. Активно со своите ученици учествувал на државни натпревари по македонски јазик и литература, каде што забележал солидни успеси. Добитник е на наградата 7-ми Септември што ја доделува општината М.Брод и на други награди и признанија. Автор е на книгата поезија „Подземна тишина“, посветена на пештерите во поречието.

РЕДАКЦИЈА НА НОВ ВАВИЛОН, Битола

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“