Оваа ВМРО-ДПМНЕ на чело со извршителот Мицкоски е столб на криминалот и режимот на Никола Груевски и Орце Камчев, реагира СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Откога Христијан Мицкоски и трет пат изгуби на изборите, бегалецот Никола Груевски му скрои нов Извршен комитет во обид да го зачува на позицијата и да му ја спаси фотелјата во белиот дворец. Секоја демократска партија е нормално да одржи конгрес по избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата предводена од докажаниот губитник Христијан Мицкоски нема капацитет да се реформира“, велат од СДСМ.
Последен доказ за тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се таканаречените големи промени во раководството на оваа партија во кое се наоѓаат стари, потрошени кадри, послушници и извршители на Никола Груевски.
„Како нови лица Мицкоски ги нуди Антонио Милошоски против кого се водат предмети и човек што се криеше од судски доставувачи; Рашела Мизрахи, која од позиција на министерка ги кршеше Уставот и законите; Гордана Димитриевска-Кочовска, која блокира средства од Светската банка за помош на здравството; Марија Андоновска за која целата јавност слушна како Гордана Јанкулоска лобирала да се вработи во Фондот за здравствено осигурување. ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Мицкоски не е мрдната ниту милиметар од деструктивната, антидржавна и антинародна матрица. Граѓаните тоа го гледаат и затоа губат на три изборни циклуси и затоа уште долго ќе бидат опозиција“, велат од СДСМ.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва избра нови членови на Извршниот комитет на партијата. Новиот состав ќе го сочинуваат: Александар Николовски, Владимир Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриеска-Кочовска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Владимир Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонио Милошоски.