Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во своето годишно обраќање во Генералното собрание на светската организација истакна дека повторно ќе се заложи за општи примирја во светот.
Целта е сите земји да можат да се посветат на борбата против пандемијата на коронавирус, иако, како што оценува Ројтерс, ефектот од неговиот апел нема да биде голем бидејќи на заседанието нема да присуствуваат повеќето претседатели и премиери.
Американскиот претседател Доналд Трамп, според најавите, е единствениот лидер, кој заедно со Гутереш, утре лично ќе се обрати на првиот ден од заседанието на Генералното собрание.
Претседателите на Кина и Русија, се едни од ретките светски лидери кои ќе дојдат во Њујорк за да ја одбележат 75-годишнината од основањето на светската организација, која денес брои 193 члена.
Околу 170 шефови на држави или влади ќе се обратат на сесијата со видео пораки.
Гутереш за Ројтерс изјави дека општ прекин на огнот во светот ќе придонесе за напорите да се спречи ширењето на Ковид-19 и да се создадат услови за координирано, одржливо и инклузивно закрепнување од ефектите на пандемијата.
По повод 75-годишнината од ООН, основана по Втората светска војна, со цел да се спречат ваквите конфликти, Гутереш истакна дека е неопходен мултилатерализам, како и реформи со цел да се одговори на денешните предизвици.
„ Ако сме … во овој момент на вистината, способни да ги спроведеме потребните реформи за да постигнеме вистинска мрежа на мултилатерализам и вистински инклузивен мултилатерализам, јас навистина верувам дека мултилатерализмот ќе надвладее и дека растечкиот национализам и популизам ќе пропаднат“, рече тој.
Додаде дека пандемијата на коронавирус и проблемите со климатските промени, беззаконието во сајбер просторот и ширењето на нуклеарното оружје „јасно потврдуваат дека светот е многу ранлив“.
„ Мојата надеж е дека, во овој момент, лидерите ќе бидат доволно скромни да ја прифатат нашата ранливост и да разберат дека ни треба единство и меѓународна соработка“, заклучи Гутереш.