Англиските фудбалски репрезентативци Фил Фоден (Манчестер Сити) и Мејсон Гринвуд (Манчестер Јунајтед) денеска јавно се извинија поради непочитувањето на мерките за карантин на Исланд каде нивната селекција играше во Лигата на нации.
Селекторот Саутгејт ги исфрли од репрезентацијата откако во хотелот каде биле сместени сите фудбалери донеле девојки.
„Сакам да му се извинам на селекторот Герет Саутгејт, на соиграчите во селекцијата, на стручниот штаб, на навивачите, на мојот клуб и на семејството. Сега ќе ја пропуштам можноста да патувам во Данска и жал ми е поради тоа. Научив важна лекција од оваа грешка“ изјави Фоден, пренесе „ББС“.
По играчот на Сити, се огласи и неговиот колега од репрезентацијата, Гринвуд.
„Можам само да се извинам поради срамот кој го предизвикав. Пред се сакам да му се извинам на Герет Саутгејт, кого го изневерив во моментите кога покажа дека верува во мене. Играњето за Англија е моментот на кој сум најгорд во мојот живот и само себе можам да се обвинувам за големата грешка. Ветувам дека лекцијата ќе биде научена“ – рече Гринвуд.
Портпаролот на полицијата во исландски Рејкјавик изјави за „ББС“ дека двајцата играчи ќе бидат казнети со по 1.360 фунти поради непочитување на карантинот.
Двајцата дебитираа за „Гордиот Албион“ на мечот во Исланд, на кој нивната селекција триумфираше со 1-0.
> Фоден и Гринвуд се извинија, полицијата ги казни со по 1.360 фунти <