Претставата „Сестрите Прозорови“, продукција на Народниот Театар Јордан Хаџи Константинов-Џинот од Велес ќе биде изведена на фестивалот „Охридско лето“ на 05.8.2020 во предворјето на црквата Света Софија, со почеток од 21 часот, со што ќе биде отворена драмската програма на овогодинешното издание на фестивалот. Оваа продукција, чија премиера беше на почетокот на 2020 е коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, според мотиви на чеховите „Три сестри“, авторски и документаристички материјали. Костимографијата на претставата е на Раде Василев, а во неа учествуваат актерите: Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилости, додека плакатот е на Филип Коруновски.
„Дневник: Сестрите Прозорови“ е еден од текстовите во книгата „8/4“ на Сашо Димоски. Книгата „8/4“ ќе биде претставена токму со оваа фестивалска изведба. Издавачот „Култура“ за оваа книга на Димоски вели: „Книгата ’8/4‘ на Сашо Димоски привидно ја подигнува ковид-завесата на затворените театри. Во оваа книга се раскажуваат приказни од театарски и балетски сцени, се повикуваат духови од некои театри, се препишуваат дневнички страници. Во ’8/4‘ д-р Сашо Димоски маркира (на два јазика – македонски и англиски, како и низ мноштво фотографии) значајни точки во рецентната македонска театарска стварност и го презентира личниот, авторски инструментариум, го слика сопствениот ’homo ludens‘ од другата страна на завесата“.