Утрински Весник
Македонија

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ со 10 предлози како да се реализира школската настава од септември

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ со 10 предлози како да се реализира школската настава од септември

Ниту Министерството за образование, ниту Комисијата за заразни болести не покажаа иницијатива и инвентивност за изнаоѓање на решение за отворање на училиштата и почеток на наставата, обвини на прес-конференција, Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа нагласи дека временскиот рок за изготвување на квалитетен и успешен план е краток, но подвлече и дека ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија има предлог план и програмa за почетокот на наставата од 1 септември.

Во однос на ова, Серафимовска посочи десет точки, преку кои од оваа партија предлагаат како да се реализира наставата во текот на претстојната учебна година:

1. Часот во училиштата каде ќе се одвива физичка настава да трае 20 минути, притоа потенцираме – една паралелка во една училница! Часот треба да трае 20 минути за да се зачува работното време на наставниците кои ќе работат со групи по 15, наместо по 30 ученици. Доколку часот трае подолго, наставниците ќе имаат подолгo работно време oд 8 часа. Прекувремената работа на наставниците треба да биде со нивна согласност и бараме истата да им биде платена.

2. Со вака организираниот час од 20 минути училиштата може да рабoтат во 3 смени.

3. Слушаме сте го прифатиле нашиот предлог сите часови да бидат снимени и достапни на учениците во секое време. Но, не ги присилувајте наставниците сега, набрзина да ги снимаат часовите кога уште не знаат по каква Програма треба да работат. Часовите треба да ги снимат во моментот кога ќе ја изведуваат наставата или ден пред тоа кога ќе се подготвуваат за час.

4. Наставниците треба да работат од училиште, не од дома. Еден наставник само во една училница да држи час.

5. На вака организираниот час може да присуствуваaт деца кои немаат соодветна опрема за да следат онлaјн настава, со сите превземени мерки за заштита. Тие сигурно нема да бидат пoвеќе од 15 во една паралелка.

6. За вака да работат наставниците, заедно со општините, обезбедете по еден компјутер во секоја училница и солидна интернет врска за часот непречено да се одвива.

7. За да можат наставниците да работат од училиште треба да ги отворите градинките. Инаку наставничките со деца помали од 10 години, ќе мора да работат од дома.

8. Ако недостасува персонал за организирање на дневниот престој, ангажирајте ги студентите од последните години на студии на наставничките факултети.

9. За практичната настава во средните стручни училишта организирајте ги учениците по пет во група во повеќе смени.

10. Одредете една или најмногу две унифицирани платформи за спроведување на онлајн настава и за истите организирајте обука.

Серафимовска по дадените предлози оцени дека врз основа на капацитетот кој досега го покажале Владата на СДСМ и Комисијата за заразни болести, веројатно е дека и ова полугодие од школската година ќе помине неорганизирано и хаотично.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме