Бразилското здружение за печат објави дека ќе поднесе тужба во Врховниот суд во Бразил против претседателот Жаир Болсонаро, поради можната изложеност на претставниците на медиумите на коронавирус, се наведува во соопштението на здружението.
Здружението, познато како АБИ, тврди дека Болсонаро не ги почитувал мерките на растојанието од новинарите и дека ја симнал маската на телевизиската прес-конференција во главниот град на Бразил, каде што најавил дека е позитивен на коронавирусот, пренесува „Си-ен-ен“.
Изјавата на АБИ го обвинува Болсонаро за загрозување на животите на присутните новинари.
Три ТВ станици – Си-ен-ен Бразил, ТВ Рекорд и ТВ Бразил – беа присутни на прес-конференцијата. Новинарот на „Си-ен-ен Бразил“ Леандро Магалаес ќе биде тестиран за коронавирусот и ќе работи од дома сè додека не го добие резултатот.
По прес-конференцијата, конгресменот Марчело Фреико напиша на „Твитер“ дека поднел тужба против Болсонаро.
„Претседателот ги прекрши членовите 131 и 132 од Кривичниот законик со симнување на маската за време на интервјуто во кое објави дека има коронавирус“, рече Фреико.