Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“, кој е во пост-продукција, е еден од осумте селектирани филмови во Work in progress програмата во рамките на индустриската селекција на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари, која ќе се одржи од денес до 10. јули.
Голема е честа, но и одговорноста проектот да биде претставен пред „кремот“ на европската филмска индустрија, на фестивал од „А“ категорија – велат од продукцијата
Приказната по сценарио на Кристијан Ристовски раскажува за седум луѓе кои живеат во време кога се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен „џанки“. Маја е „волк самотник“, не комуницира очи-во-очи со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако е би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детството, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизација на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи…
Филмот е во продукција на Вертиго Висуал, сценарист и режисер е Кристијан Ристески, продуцент Дарко Попов, а главните улоги ги играат: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.