Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Предлог за притвор и наредба за истражна постапка денеска донесе Основното јавно обвинителство Скопје против чичко кој ги малтретирал малолетните внуци кои му биле доверени на чување. Осомничениот ги врзувал и со ластегарка ги мавал по стапалата.
Како што соопшти ЈО, на 28 јуни, осомничениот 46-годишник, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, малтретирал две деца на кои им бил чичко.
-Кога мајката на децата му ги оставила за да ги надгледува, осомничениот едното дете го врзал со внатрешната гума од мопед за стеблото на едно дрво. Детето не можело да се ослободи, па неговата сестра се доближила до дрвото да му подаде шише за да се напие течност. Осомничениот најпрвин ја прекорил, а потоа ја удрил со шлаканица по лицето и со ластегарка по стапалата, се наведува во соопштението на ЈО.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство на осомничениот, можност тој да ја попречува кривичната постапка со влијание врз децата со кои е во крвно сродство, како и поради можност да го повтори делото.бк/лв/