Утрински Весник
Македонија

Синдикатот на УПОЗ испорача барања до политичките партии учесници на изборите

Синдикатот на УПОЗ апелира да не се намалуваат платите под 25.200 денари

Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), денеска до политичките партии кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори упати барања со кои побара унапредување на правата од работен однос на вработените во администрацијата и правосудството.

Барањата, како што соопштија од Синдикатот на УПОЗ, се испратени до сите политички партии и оттаму сметаат дека тие се од голема важност за вработените во администрацијата и правосудството.

Првото барање, наведуваат, е доследна примена на одредбите од колективните договори и афирмирање на социјалното партнерство; потоа сразмерен раст на платите во администрацијата и правосудството со порастот на минималната плата; најавената реформа и спојувањето на институции во администрацијата да се спроведе без губење на работните места, особено на референтите кои се со најниски плати во државата; мораториум за нови вработувања и вработувања на определено време се додека не се исцрпат можностите за унапредување на вработените во администрацијата и правосудството; укинување на одредбите од Законот за извршување на буџет кои ја ограничуваат или стопираат исплатата на надоместоците и додатоците на плата за вработените; измена на законските оредби со кои ќе се предвиди Колективните договори да важат исклучиво за членовите на Синдикатот; како и коренити реформи во судовите и јавните обвинителства и усогласување на платите на судските и јавнообвинителските службеници со платите на судиите и обвинителите.

– Ова се само дел од барањата кои Синдикатот на УПОЗ ги упати до политичките партии и воедно ги повика одговорите да ги достават најдоцна до 08.07.2020 година, на e-mail адресата на Синдикатот info@upoz.org.mk. Синдикатот на УПОЗ изразува подготвеност да одржи работни средби со политичките партии на кои дополнително ќе ги образложи своите барања, се вели во соопштението. мс/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Видео) Провокација на албанските навивачи, Дебар бил албански град

Куќа изгоре во Пелинце, избегната е поголема катастрофа

Порака од „Маршот за ангелите“ кон Мицкоски и Давкова: Нели ви е срам? Имате ли деца?