Скопје, 27 јуни 2020 (МИА) – Според мејловите и прашањата кои секојдневно, во огромен број пристигнуваат до нашите служби за грижа на корисници, кај патниците постои поголем интерес отколку што очекувавме. Од друга страна, според некои анкети, 50 проценти од патниците се подготвени да патуваат веднаш, додека другите 50 проценти се загрижени и би биле подготвени тогаш кога ќе се произведе вакцина, вели во интервју за МИА Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија, концесионер на аеродормите во Скопје и во Охрид, што на 1 јули по пауза од три месеци поради пандемијата со Ковид-19 повторно ќе бидат отворени за патнички летови со нови мерки со цел заштита од коронавирусот.
Сепак, укажува Ерсој, неблагодарно е да се даваат какви било прогнози во тој поглед, особено затоа што интересот за патување не зависи само од аеородромските оператори, туку и од понудите на авиокомпаниите и од личните одлуки на патниците.
-Свесни сме дека кај патниците постои загриженост и дека во следниот период потешко ќе се решаваат да патуваат. Но, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи, со зголемената хигиена и претпазливост на сите, ќе се врати нивната доверба и ќе продолжат да уживаат во патувањата, порачува Ерсој.
Тој во интервјуто посочува дека распоредот на летање не зависи само од повторното отворање на аеродромите, туку и од интерните одлуки на авиокомпаниите и од прописите на земјите до чии дестинации се лета од аеродромите во Скопје и Охрид. Информациите за летовите се менуваат многу брзо, а ние тие податоци ги ажурираме на нашите интернет-страници во реално време. Апелира до сите патници да ги следат веб-страниците на аерoдромите во Скопје и Охрид http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/ од каде ќе добијат навремени и најточни информации за распоредот на летање.
-Веруваме дека сите нови аеродромски мерки наскоро ќе ни станат секојдневие и нормално функционирање според кое ќе продолжиме со нашите животи и со патувањата без ограничувања, наведува генералниот директор на ТАВ Македонија.
Со одлука на Владата од 1 јули се отвораат аеродормите во државава, по ограничувањето што беше воведено пред повеќе од 3 месеци за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19. Што предвидува протоколот според кој ќе работите, за патниците, авиокомпаниите, персоналот во авиобизнисот, какви мерки за заштита се предвидени и што е конкретната промена во начинот на работата?
– По отворањето на аеродромите на 1 јули, ќе има нови мерки со цел заштита на сите од коронавирусот. Патниците задолжително треба да почитуваат 3 правила – постојано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена. Од влезот во терминалната зграда, се до качувањето во авионот, нашата цел е целосно да го избегнеме физичкиот контакт меѓу нашите вработени и патниците. Во терминалната зграда смеат да влезат само оние лица кои ќе покажат валиден авионски билет (испечатен или на телефон), но не и нивните пријатели или членовите на нивните семејства кои дошле да ги испратат. На влезот ќе ги дезинфицираат рацете и чевлите, по што со термална камера ќе им се мери телесната температура. Доколку немаат покачена температура, ќе може да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Сите овие процеси ќе се одвиваат без физички контакт со вработените, односно патниците ќе им ги покажат билетот на нашите агенти преку транспарентна преграда и лично треба да го регистрираат својот пасош на фиксираниот читач на шалтерите. Забрането е патниците да седат еден до друг во аеродромските чекалници, зоните за заминувањa (Departures), пристигнувањa (Arrivals) и излез (Gates) и затоа на овие места седиштата се специјално обележани за да се одржи безбедното физичко растојание.
За максимална безбедност на патниците, ТАВ Македонија го интензивира чистењето и дезинфекцијата на сите површини на аеродромот, особено на местата кои најчесто се допираат, а вентилацијата во терминалната зграда е засилена со соодветен систем за климатизација. Поради новите протоколи на работа на патниците им препорачуваме да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред времето за полетување, за да имаат доволно време да ги завршат процедурите и да уживаат во патувањето.
Го смени ли кризата планираниот број на летови и учество на авиокомпании, односно што предвидува редот на летање со којшто ќе профункционира повторно авиосообраќајот во државава, остануваат ли сите дестинации или има намалување, евентуално нови?
– Авијацијата е најпогодената индустрија од кризата предизвикана на КОВИД—19. Прв пат, земјите ги затворија границите, летовите беа запрени, авиокомпаниите ги приземјија нивните авиони, освен за карго-летовите и оние за репатријација. Ударот што го доживуваат авиокомпаниите и аеродромите од овој негативен импакт е огромен. И покрај тоа, авиокомпаниите анализираа како да се подготват на новата ситуација и да ги почнат операциите одново. Распоредот на летање не зависи само од повторното отворање на аеродромите, туку и од интерните одлуки на авиокомпаниите и од прописите на земјите до чии дестинации се лета од аеродромите во Скопје и Охрид. Информациите за летовите се менуваат многу брзо, а ние тие податоци ги ажурираме на нашите интернет-страници во реално време. Затоа апелирам до сите патници да ги следат веб-страниците на аерoдромите во Скопје и Охрид http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/ од каде ќе добијат навремени и најточни информации за распоредот на летање.
Какви се вашите очекувања за интересот на патниците за патување со авион и за натамошната состојба на овој сектор, што покажуваат искуствата на аеродромите што веќе работат во вакви околности?
– Пандемијата на коронавирусот ги смени навиките и приоритетите на луѓето низ целиот свет, но тие веќе почнуваат да се адаптираат на новата состојба. Според мејловите и прашањата кои секојдневно, во огромен број пристигнуваат до нашите служби за грижа на корисници, кај патниците постои поголем интерес отколку што очекувавме. Од друга страна, според некои анкети, 50 проценти од патниците се подготвени да патуваат веднаш, додека другите 50 проценту се загрижени и би биле подготвени тогаш кога ќе се произведе вакцина. Сепак, неблагодарно е да се даваат какви било прогнози во тој поглед, особено затоа што интересот за патување не зависи само од аеородромските оператори, туку и од понудите на авиокомпаниите и од личните одлуки на патниците. Сметам дека сите треба да се навикнеме да живееме со вирусот и да го прифатиме новото нормално. Веруваме дека сите нови аеродромски мерки наскоро ќе ни станат секојдневие и нормално функционирање според кое ќе продолжиме со нашите животи и со патувањата без ограничувања.
Ќе повлече ли новиот начин на функционирање зголемени трошоци во овој сектор за вашите клиенти, а со тоа и за цената на билетите за патниците, што покажуваат вашите анализи?
– Како и во секој бизнис, така и во авиосообраќајот, побарувачката и понудата ги детерминираат цените. Верувам дека авиокомпаниите ќе најдат баланс со новите работни услови и дека е неопходно да се адаптираат, согласно интересот на патниците кои ги користат нивните услуги и реалните трошоци за операциите во новонастанатата ситуација.
За нас примарно беше да се прилагодиме на новите протоколи и да обезбедиме максимална заштита за патниците, авиокомпаниите и нашите вработени. Ефектите од оваа огромна криза ќе се чувствуваат силно и во следните месеци, но и во следните неколку години, така што процесот на прилагодување ќе потрае.
Како се одрази прекинот на операциите во патничкиот сообраќај на ангажманот на вработените, имајќи предвид дека многу од авиокомпаниите го намалија бројот на екипажот?
– Со затворањето на аеродромите, приходите на ТАВ Македонија комплетно запреа, но не и нашите трошоци. И покрај оваа исклучително тешка состојба, ние вложивме максимални напори да ги задржиме сите работни места и да ги исполниме финансиските обврски кон добавувачите и сите други засегнати страни. Нашите вработени чии работни задачи се од административна природа изминатите месеци работеа од дома. Исклучок
беа вработените кои имаат оперативни задачи и кои поради природата на работната позиција мораше да бидат присутни на Меѓународниот аеродром Скопје за да ги опслужуваат хуманитарните летови со кои се враќаа граѓаните во земјава и карго-летовите. Се надеваме на побрза стабилизација на авијациската индустрија, така што сите вработени ќе може да се вратат во своите канцеларии на аеродромите.
Колку летови опслуживте во изминатите 3,5 месеци од тие што не беа опфатени со ограничувањата, хуманитарни, за воени потреби и карго?
Во изминатите 3,5 месеци немавме патнички летови од комерцијална природа. Само летови со патници за репатријација. Оттука, намалувањето на бројот на патниците и на услужените летови во изминатите 3,5 месеци е драстично. Ако погледнеме на резултатите од првите 5 месеци, јануари-мај 2020 година, забележавме 53% намалување на бројот на патници и 47% намалување на бројот на летови, споредено со истиот период од 2019. Се надевам дека по отворањето на аеродромите ситуацијата ќе почне да се нормализира и повторно ќе стремиме кон стабилен развој на авиосообраќајот и остварување на зацртаните цели.
Со какви проекции за број на патници настапувате за првите месеци и какви се вашите проценки за нормализирање на авиосообраќајот со полн капацитет?
– На почетокот на 2020 година, пред кризата, имавме одлични бројки на скопскиот и охридскиот аеродром, односно пораст на бројот на патници за 15 проценти. Но, целосното затворање на аеродромите многу ја намали оваа бројка, на пример само во април имавме пад од 90 проценту на бројот на патници. Кризата ни покажа дека е неблагодарно да се прават проекции бидејќи состојбата насекаде низ светот се менува брзо. Сепак, свесни сме дека дефинитивно треба да ги намалиме проектираните очекувања за крајот на оваа година, но и да бидеме подготвени дека и следната 2021 година ќе биде година на закрепнување. Но, оптимист сум дека ситуацијата полека, но сигурно ќе се враќа во нормала, дека луѓето ќе ги почитуваат личните заштитни мерки и повторно во голема мера ќе го користат авиосообраќајот како најбезбеден вид превоз.
Која е главната поука за авиобизнисот од оваа криза, ќе може ли да издржи овој сектор уште една ваква криза со оглед на неизвесноста од натамошното ширење на вирусот и која е Вашата порака до патниците и авиокомпаниите?
– Оваа криза му нанесе огромен удар на авиобизнисот низ целиот свет, штетите допрва ќе се пребројуваат, а последиците ќе се чувствуваат уште долго време. ТАВ Македонија во изминатите 10 години инвестираше многу во развојот на авиосообраќајот во земјава, со што тој достигна многу стабилно ниво, одржливо на долг рок. Тоа што сме дел од многу моќен интернационален холдинг, ТАВ Аеродроми, но и поддршката на Владата како наш партнер, ни дава дополнителен поттик да се справиме со идните предизвици. Свесни сме дека кај патниците постои загриженост и дека во следниот период потешко ќе се решаваат да патуваат. Но, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи, со зголемената хигиена и претпазливост на сите, ќе се врати нивната доверба и ќе продолжат да уживаат во патувањата.
Лидија Велковска