Скопје, 27 јуни 2020 (МИА) – Под заедничко претседателство на министрите за надворешни работи на Франција и Германија, Жан-Ив Ле Дриан и Хајко Мас, се одржа министерски состанок на Алијансата за мултилатерализмот, на кој учествуваше и заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски, информираат од Министерство за надворешни работи. На овој настан учествуваше и генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебриезус.
Министерскиот состанок беше посветен на зајакнување на мултилатералната здравствена архитектура и механизмите за спречување идни кризи, како и борбата против ширење дезинформации (Infodemics) во контекст на COVID-19 пандемијата.
Во своето обраќање, заменик министерот Жерновски ја пренесе силната поддршка која Северна Македонија и го придава на мултилатерализмот, подвлекувајќи дека меѓународната соработка е клучна во решавање на предизвиците во ова време кога COVID-19 продолжува да биде смртоносна закана за луѓето.
– Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои повикуваат на колективен одговор кон пандемијата, преку ефективен мултилатерализа и со централна улога на ООН во борбата против кризата и справувањето со нејзините последици, истакна Жерновски.
Тој посочи дека здравствената и економска криза со која се соочува глобалната заедница, ќе има долгорочни негативни реперкусии врз животите и егзистенцијата на сите луѓе во светот. Затоа, тој повика на почеста и позасилена координација и соработка на сите инволвирани чинители како ООН и здравствени и хуманитарни организации вклучувајќи ги локалните, национални и меѓународни невладини организации за контрола и ублажување на COVID-19.
СЗО, според него, мора во овој период да биде водечка агенција за здравство на ООН и главен советник за техничка и здравствена политика во светот за ограничување и намалување на СОВИД-19.
На крајот од својот говор, Жерновски акцент стави и кон улогата на секој поединец во ширењето на дезинформациите околу пандемијата COVID-19.
– За цело време на траење на пандемијата, како институции покажавме зрелост и во рамките на своите надлежности работевме во интерес за секој еден граѓанин. Им застанавме цврсто на патот на лажните вести поврзани со коронавирусот, кои ако не ги превенираме можат да создадат несогледливи последици и консеквенции по здравјето на луѓето. Македонската Влада на овој најголем здравствен предизвик даде здрав одговор, рече Жерновски. оџ/са/