Гостивар, 24 јуни 2020 (МИА) – Во трите гостиварски општини во тек се подготовките за претстојните парламентарни избори. Деовиве се проверуваат условите за спроведување на процесот и пополнување на испразнетите места во избирачките одбори. Денеска тоа беше констатирано по состанокот на преставниците на локалната и државната изборна комисија.
По направените дополнувања на избирачкиот список, се бележи зголемување на бројот на гласачи. Во споредба со минатогодишните претседателски избори, во Гостивар има 512 повеќе гласачи, во општина Врапчиште има нови 330 избирачи. Во општина Маврово и Рустуша бројот на гласачи останува приближно ист како на претседателските избори.
Правото на глас на 15 јули, може да го искористат 79.923 жители на општина Гостивар, 25.925 во општина Врапчиште и 9.996 во Општина Маврово и Ростуша. Изборите во Гостивар ќе ги спроведуваат 119 избирачки одбори, а ќе се гласа на 121 избирачко место. Овие податоци ги соопшти Руфат Селими раководителот на регионалната единица на Државната изборна комисија во разговорот со заменик претседателаката на ДИК Дитмире Шеху и претседателот на ОИК во Гостивар, Мустафа Муслиу.
Заменик-претседателката Шеху рече дека ДИК ќе ги обезбеди сите услови согласно на протоколите и изборниот ден мине без пречки и без ризик по здравјето на граѓаните. Таа потврди и дека за луѓето кои се инфицирани и се лекуваат од ковид19 и оние во изолација, ќе имаат можност да гласаат. За таа намена ќе се формираат 80 избирачки одбори на државно ниво кои ќе бидат придружувани од лекар и соодветен кадар.
Шеху беше информиана дека поради пандемијата и здравствени проблеми, близу 100 членови на избирачките одбори поднеле оставки. Претседателот на ОИК во Гостивар, Мустафа Муслиу, побара ДИК да вложи напор и овие лица да бидат заменети што е можно поскоро. Муслиу констатораше дека не се очекуваат дополнителни потешкотии и дека 15 јули гласањето ќе се одвива без пречки.
Засега освен освен избирачкото место во Лешница, сите останите ги исполнуваат условите. згм/сст/