Утрински Весник
Македонија

Царовска и Шкријељ: Соработката со граѓанските организации е исклучително важна во услови на криза

Царовска и Шкријељ: Соработката со граѓанските организации е исклучително важна во услови на криза

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска одржаа состанок со претставници на граѓанските организации од Охрид и регионот. На состанокот се дискутираше за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на времените мерки и испораката на услуги кон особено ранливите групи.

– Сите заедно треба да овозможиме почитување на мерките и препораките на Владата во делот на заштитата на работничките права, почитувањето на протоколите за работа и користењето на државна помош. Владата, како и во целиот изминат тригодишен период, во граѓанските организации гледа партнер кој е вклучен во креирањето и спроведувањето на регулативата, партнер чија принципелна поддршка секогаш е добредојдена. Според Царовска, во специфичните услови во кои се наоѓаме, многу е важна директната соработка и координација меѓу граѓанските организации од една страна и инспекторатите и останатите владини институции од друга, во пријавувањето на случаи на прекршување на работничките и граѓанските права, соопшти Кабинетот на Царовска.

Вицепремиерката посочи дека ова е криза од која ќе излеземе како победници, само ако направиме баланс меѓу заштитата на правата на работниците и на бизнисот и ако во заедничката битка придонесат сите.

Според дополнителната заменик министерка Шкријељ, придонесот на граѓанскиот сектор особено е видлив во предизвикувачки состојби. Невладините организации, посочи таа, се на првата линија на поддршка на најранливите категории граѓани, кои коронакризата и најмногу ги погоди. И Министерството за труд и социјална политика и невладиниот сектор ја оценуваат соработката како исклучително коректна, а граѓанските организации се вклучени во сите реформски процеси што Министерството ги спроведува.

Како што се наведува во соопштението, Владата и граѓанските организации одржуваат редовни координативни состаноци во кризни услови, а активностите ќе продолжат и во наредниот период, се со цел да се обезбедат двете основни функции-заштита на правата на граѓаните и целосното почитување на донесените владини одлуки. хс/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор