Брисел, 18 јуни 2020 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по министерскиот состанок за одбрана, најави дека триесетте земји членки на Алијансата се согласиле да создадат солидарен фонд во пресрет на евентуален втор бран на пандемијата од коронавирусот, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Овој солидарен механизам има за цел да им помогне на земјите членки на НАТО да имаат пристап до потребната медицинска опрема во случај на нов критичен бран, но големината и износот на фондот ќе зависат од тоа колку секоја земја членка ќе вложи во него.
Засега неколку земји членки најавиле учество, но Столтенберг не рече кои.
-Подготвени сме да се поддржиме едни со други во случај на втор бран за да го намалиме страдањето и да спасиме животи, изјави Столтенберг на прес конференцијата по виртуелниот министерски состанок за одбрана попладнево.
Тој предупреди дека е од огромна важност здравствената криза да не се претвори во безбедносна криза и дека земјите сојузнички се заложиле да се заштити критичната инфраструктура.
Заложбите донесени денеска се знак за единството на Алијансата, рече нејзиниот прв човек, осврнувајќи се со оваа изјава директно на „дезинформациите“ и „пропагандата“ на странски сили кои се обидуваат да ги „поткопаат институциите“ на НАТО и нејзините земји членки.
-Државни и недржавни чинители ја користат кризата за да ги поткопаат институциите, и да ги обвинат сојузниците за целата пандемија, го видовме ова на социјалните медиуми и на други места, но ние на пропаганда и дезинформации ќе одговориме со тоа што ќе им помогнеме на сојузниците да дојдат до факти, ќе споделуваме информации и ќе соработуваме од блиску со Европската Унија на ова поле, јас не верувам дека одговорот на пропаганда е друга пропаганда, изјави шефот на Северноатлантската алијанса.
Тој нагласи дека единствен ефикасен одговор пред пропагандата на трети земји и структури се слободни и независни медиуми.
-Новинари што си ја работат работата, што ги проверуваат своите извори и можат да обелоденат обиди за дезинформации, слободни и независни медиуми се најдобриот начин да се добие коректна информација посебно во време на криза, рече Столтенберг.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со наводите дека американскиот претседател Доналд Трамп, побарал помош од Кина за да биде реизбран во ноември, Столтенберг не сакаше директно да ги коментира овие информации, но сепак потсети дека постои консензус помеѓу земјите членки на Алијансата дека е потребно справување со сѐ поголемото влијание на Кина, како надвор од НАТО така и во земјите членки на НАТО.
-Секој обид да се поткопа довербата во нашите демократски институции е контрадикторен со нашите темелни вредности, рече Столтенберг.тм/са/