Кавадарци, 17 јуни 2020 (МИА) – Почна обновата на Градски парк Кавадарци, прва посериозна реконструкција по 40 години. Историчарот Петре Камчевски за МИА вели дека еден од најубавите паркови во државата постои најмалку осумдесет години. Низ годините, биле организирани масовни акции за пошумување.
Доне Илов, инспектор за животна средина при Општина Кавадарци, денеска информираше дека активностите се дел од проектите на локалната самоуправа за животна средина и подобрување на хортикултурното уредување. Се работи за инвестиција вредна 6.478.200 денари.
-Со реконструкцијата, предвидени е нова пешачка патека до Спомен костурницата по која ќе можат да се движат колички со мали деца и лица во инвалидски колички. Обновата подразбира и две нови одморалишта, видиковци со поглед кон градот. Ќе бидат засадени 40 различни видови на стебла и грмушки, со вкупна бројка од над 1.200 садници, нови цвеќиња, а ќе се обнови тревна површина од пет илјади квадратни метри. Паркот ќе има и комплетно нов систем за наводнување, комбиниран со распрскувачи и систем капка по капка. Ќе се надогради и осветлувањето во паркот, соопшти Илов.
Проектот за реконструкција на градскиот парк „Љупчо Шкартов“, предвидува овде да се работи до три месеци. свд/ир