Утрински Весник
Македонија

Одбележување на Меѓународниот ден на архивите

Одбележување на Меѓународниот ден на архивите

Скопје, 9 јуни 2020 (МИА) – Државниот архив на Република Северна Македонија денеска го одбележува 9 – ти јуни Меѓународен ден на архивите. На овој ден во Париз во 1948 година е формиран Меѓународниот архивски совет, организација посветена на унапредувањето и промовирањето на архивското работење и на заштитата на архивските материјали.

Оваа организација има околу 1.400 членови од 199 земји, меѓу кои е и нашиот Државен архив, и остварува тесна соработка со Советот на Европа, УНЕСКО и со други организации и институции.

– Овој ден архивистите од целиот свет пригодно го одбележуваат и ги потенцираат значењето и достигнувањата во сферата на архивистиката, како што тоа го прави и нашиот Архив. Но, поради околностите со пандемијата, годинава се организираат повеќе семинари и работилници преку интернет, на кои ќе учествуваат и наши претставници, вели во пишаната изјава директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.

Според него, во последно време Меѓународниот архивски ден прераснува во Меѓународна архивска недела кога се организираат повеќе настани поврзани со работата и значењето на архивите, како нераскинлив дел од историјата и идентитетот на секоја земја и народ.

– Еден од тие настани е и утрешниот интернет-собир, организиран од страна на Меѓународниот центар за архивско работење од Хрватска, кој, всушност ќе биде советување на тема: „Архивите и научното општество”, а ќе биде промовирана и книгата „Архивите и дигиталното време”, која што, се надевам, наскоро ќе биде преведена и на македонски јазик, потенцира директорот Крстески.

Годинашнава Меѓународна архивска недела е посветена и на темите поврзани со унапредувањето на науката, вештачката интелигенција, дигиталната заштита и новите технологии, доверливоста на информациите и со други слични прашања кои имаат влијание врз практичното унапредување на архивската дејност и професија, стои во соопштението од Државниот архив на Република Северна Македонија. цр/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”