Утрински Весник
Македонија

Ковид-19 го зголеми плаќањето со картички, во март купувањето на интернет поголемо за 99 отсто

Ковид-19 го зголеми плаќањето со картички, во март купувањето на интернет поголемо за 99 отсто

Во првиот квартал од годинава за 15,2 отсто се зголемиле плаќањата на физичките и на правните лица во земјава, со посредство на банките, преку кредитни трансфери и платежни картички, во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, за 5,8 отсто се зголемила вредноста на остварените трансакции, соопшти Народната банка (НБРМ).

Според НБРМ, во март граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99 отсто, при регистриран годишен пад кај бројот на трансакциите кај правните лица за 2,5 отсто.

Со почетокот на здравствената криза, во март, забележан е годишен раст на вредноста на трансакциите со кредитни трансфери од 4,9 отсто, извршени со зголемен број трансакции кај физичките лица за 1,3 отсто и благ пад кај правните лица од 0,7 отсто. Кај плаќањата со платежни картички од физичките лица, остварен е висок годишен раст на вредноста од 27,6 отсто и на бројот на трансакции од 31 отсто.

Според анализите на НБРМ, со отпочнување на корона кризата физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3 отсто на годишна основа, во однос на март минатата година, односно за 21,4 отсто во споредба со февруари годинава.

Граѓаните особено ги користеле компјутерите за плаќање, при што во март се забележува висок годишен раст од 26,4 отсто, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од годинава, кој изнесуваше 13,8 отсто, наведуваат од Народната банка.

Бројот на плаќања со мобилен телефон во март пораснал за 45,5 отсто на годишна основа што е релативно блиску со годишниот раст остварен во првиот квартал од минатата година – 45,9 отсто. Од страна на граѓаните, еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се со користење компјутер.

„Поинтензивното користење на електронското банкарство и купувањето преку интернет во текот на март, во значаен дел се должи на прифаќањето на апелот на Народната банка за безготовински плаќања и за користење на платежните картички, како и на активностите што ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје“, соопштуваат од НБРМ.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче по средбата со Давкова: Укажав дека партизацијата на безбедносните служби мора да запре

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева

Македонија е избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) (2025–2027)