Утрински Весник
Македонија

Новинари ја тужат државата што не ги казни насилниците од 27 април

Одложено судењето на двајцата насилници кои претепаа девојка во Штип

Кон крајот на април тројца новинари – Наташа Стојановска, Душица Мрѓа и Горан Трпеноски, жртви на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, поднесоа приватна тужба против државата поради повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета.

Тужбата е поднесена во знак на незадоволство од Основното јавно обвинителство во Скопје, кое и после три години откако новинарите дале исказ, нема покренато ниту еден обвинителен акт против насилниците од Граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“, кои критичниот ден навредуваа и тепаа новинарски екипи што известуваа од Собранието.

Во името на тројцата новинари, тужбата пред Граѓанскиот суд во Скопје ја поднесе Адвокатската канцеларија Медарски, која по барање на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), се согласи да им понуди правна помош на оштетените.

Новинарката на Телевизијата 24 Вести, Душица Мрѓа е револтирана што државните институции не ги казнија насилниците на новинарите.

– Од најцрн ден во македонската историја, 27 април стана синоним за политички пазари, скандалозна амнестија и некомплетна правда – вели Мрѓа и додава дека државата за новинарите се покажа како маќеа, иако тие, според неа, се најзаслужни што “крвавиот четврток” завршил без жртви, благодарение на известувањето во живо на телевизиските екипи, ризикувајќи ги нивните животи.

Кога дала исказ пред јавното обвинителство како оштетена, сведок и очевидец, Мрѓа се надевала дека насилниците ќе ги стигне правдата, но времето го покажало спротивното.

– Очекував државата да ми се оддолжи со правда. Истото го мислев и кога како сведок се појавив два пати во судница да сведочам, но попусто. Раката сè уште ми беше во завои, ударите по лице и глава бледнеа, но „флешбековите“ од сета крв на 27 април и те како беа свежи. Свежи се и по три години и болни, особено поради правдата која не ја дочекав – се потсетува таа.

Според неа, крвавиот четврток, адреналинот, бесот, беспомошноста и стравот, никогаш не се заборава. Се сеќава како се обидела да контактира со редакцијата затоа што морала да води сметка и за безбедноста на целата новинарска екипа.

– Како напредуваше лудилото, така почна стравот да се зголемува. Знаев дека колку сум јас погласна и подетална во етер, толку шансите да се преживее за сите се поголеми – вели Мрѓа.

Но, живото вклучување во програма ја направиле поранлива, затоа што насилниците ја препознале и затоа почнале да ја навредуваат и напаѓаат.

– Предавничке, Сороспијо, Слуга на Заев,  „Шиптарска ку***“ беа само дел од навредите со кои ме „почестија“. Ме удрија од ѕид, добив толку јак удар во раката што рамото и ден денес ме боли. Добив и удар по лице. Кога побарав помош од член на собраниското обезбедување, добив одговор „Не можам ништо да направам“ . Локвата крв од собраниските ходници, ме прогонуваше со ноќи во сонот – се жали Мрѓа.

Таа се потсетува на најтрагичниот момент кога специјалните единици интервенирале со димни бомби и почнала да се гуши, а од друга страна насилниците не и дозволувале да ја напушти просторијата.

– Тогаш помислив – готово е, жива не излегувам оттука, додека на моите дома им пишував смс „добро сум, не се секирајте“ – вели Мрѓа.

И новинарката на Телма, Наташа Стојановска вели дека 27 април засекогаш ќе остане врежан во нејзината меморија.

– Дел од нас не беа само спречени да известуваат, туку, и мојот живот и на некои мои колеги беше доведен во прашање, исто како што беа загрозени и животите на политичарите – вели Стојановска.

Таа тврди дека лузните се длабоки, а сеќавањата на тој драматичен ден дури и по три години не може да се избришат.

– Траумите и денес ги чувствувам. Затоа е важно, секој кој учествуваше во тој напад да биде казнет – инсистира Стојановска.

Според неа, насилниот упад во 27 април 2017 година бил поттикнат од фактот што не биле казнети насилниците од настаните на 24 декември 2012 година, кога од пленарна седница на Собранието насилно се исфрлени пратениците и новинарите.

– Не сакам ни да помислам што може да се случи во иднина ако сега одговорните не бидат казнети – стравува Стојановска.

Незадоволство што насилството врз новинарите во “крвавиот четврток ” не доби правна разрешница изразува и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), од каде го обвинуваат Јавното обвинителство дека има двојни аршини во постапувањето за настаните од 27 април. Насилниците на политичарите се осудени на затворски казни, а за новинарите нема никаква постапка.

– Во услови кога има двојни стандарди за новинарите и кога државата не ги заштити нашите колеги, истите се приморани преку приватни тужби да ја бараат правдата – реагираат од ЗНМ.

Со правната помош што ЗНМ ја обезбеди за новинарите да поднесат приватни тужби, тие сакаат да ги охрабрат колегите да го кренат својот глас против нападите и притисоците и со тоа да пратат порака до јавноста и институциите дека тие нема повеќе да молчат. Здружението, исто така, очекува дека тужбите ќе го зголемат притисокот врз институциите за да ги казнат насилниците, а со тоа во иднина да спречат нови напади врз новинари.

Агенцијата „Мета.мк“ контактираше со Основното јавно обвинителство со цел да добие информација за резултатите од истрагата за случајот на нападнатите новинари од 27 април 2017 година. Од таму ни беше побарано прашањето да го доставиме преку емаил, што и беше направено на официјалниот емаил на Обвинителството, меѓутоа и после три дена од тогаш не добивме одговор. Не добивме ни потврда дека прашањето е примено, ниту известување колку време треба да чекаме за одговор.

Во врска со упадот во Собранието, пратениците во декември 2018 година усвоија Закон за амнестија, со кој се ослободија од одговорност учесниците во настаните од 27 април обвинети за учество во толпа, насилство и за терористичко загрозување.

Законот за амнестија не ги ослободи од одговорност 18-те осомничени организатори на насилството во Собранието. Во март 2019 година 16 од нив првостепено беа осудени на вкупно 211 години затвор. Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“, доби ослободителна пресуда, додека за обвинетиот Сашо Марковски се води одвоена постапка поради болест.

Најголема казна доби ексдиректорот на БЈБ Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години затвор. По 15 години затвор добија Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Влатко Трајковски. Помали казни добија Абдуљфета Алими (7 години) и Александар Василевски Нинџа (8 години).

За нарачателите на нападот на Собранието на 27 април 2017 има отворено нова истрага Обвинителството за организиран криминал, а осомничени се: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски.

Досега одговорност не понесе никој ниту за насилното исфрлање на новинарите од полициското обезбедување од собраниската галерија на 24 декември 2012 година, кога Собранието го носеше буџетот за 2013 година. Тогаш новинарите се жалеа пред Уставен суд, кој не утврди прекршување на правото на слобода на изразување на новинарите, по што тие правда побараа пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург. После пет години, во мај 2018 година, Европскиот суд утврди прекршување на членот 6 и 10 од Европската конвенција и ѝ наложи на Северна Македонија да исплати надомест на нематеријална штета на жалителите и да изврши потребни измени во законодавството, со цел во иднина да се исклучат слични инциденти со новинари во Собранието.

Веднаш по добивање на пресудата, Владата ја исплати нематеријалната штета на новинарите, но Собранието никогаш не постапи по втората препорака на Европскиот суд и не изврши ревизија на законодавството, со кое во иднина ќе спречи слични прекршувања на правото на слобода на изразување.

Автор: Насер Селмани

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер