Утрински Весник
Македонија

Укинувањето на државната матура за едни претставува среќа, за други проблем

Укинувањето на државната матура за едни претставува среќа, за други проблем

Учениците од завршните години во средните училишта, крајот на средното образование го дочекаа од дома. Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, Министерството за образование одлучи годинава да не се полага државна матура. Оваа одлука,  министерот Адеми рече дека е донесена за да се елиминира стресот кај средношколците во овие вонредни околности. Учениците ќе добијат валидни дипломи за завршено средно образование со кои подоцна ќе можат да се запишат на некој од факултетите во државата.

Поделени мислења околу укинувањето на матурата забележа Мета при разговорот со неколку матуранти. Поголемиот дел  среќни ја дочекале веста дека нема да го полагаат последниот средношколски испит. Велат, периодот е стресен за сите, а државна матура не е потребна, зашто веќе се оценети од страна на нивните професори.

„Потполно се согласувам да нема полагање државна матура, бидејќи тоа е дополнителен стрес врз учениците, но и нашите родители и професори. Ние сме тие кои одат девет месеци на училиште и се трудат да го постигнат посакуваниот успех. Не знам како може некој да нè оцени преку еден тест со неколку прашања. Секој ќе седне и ќе ги научи одговорите на прашањата однапред. Според мене, професорите се оние кои навистина знаат колку може и колку постигнува ученикот“, вели Александра Мицова,  ученичка во четврта година во средното општинско училиште  „Гошо Викентиев“ во Кочани.

Истото милење го дели и Марио Ристовски, ученик во средното училиште „Коле Нехтетин“ во Штип.

„Сите сме среќни што нема да полагаме. Ова е важна тема за секој матурант, меѓутоа јас сметам дека државната матура предизвикува огромен стрес кај средношколците. Секако нема да имаме пречки при запишувањето на факултет“, вели тој.

Бојана Витанова годинава го завршува средното образование во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица. Укинувањето на матурата кај неа предизвикало револт. Смета дека матурата е тест за валидација на знаењето на учениците и на неа не треба да се гледа како на дополнителна обврска.

„Матурата е единствената закана за нереалните оцени кои се ставаат низ годините, што логично значи дека од нејзиното укинување најмногу бенефитираат оние кои не располагаат со вистинско знаење. Да беше успехот од четирите години реална претстава за способностите и знаењата на еден ученик, воопшто немаше да постои државна матура, не само кај нас, туку и секаде во светот. Свесна сум дека истата не се спроведува доволно сериозно за да биде добар начин за рангирање, но во секој случај е подобра опција од ставање на сите ученици во ист ќош и нивно вреднување врз база на оцените кои ги добиле во различни училишта, од различни професори, според различни критериуми“, вели таа.

Празна училница l Архива на meta.mk

Витанова не се согласува дека полагањето матура е стресно. Според неа, поголем проблем ќе биде непознатиот приемен испит кој ќе треба да се полага при упис на факултетите.

„Апсолутно би ја поддржала алтернативата со приемен  испит на факултетите како реформа во образованието, но доколку беше претставена во било кое друго време со детален план. Сметам дека ваквата избрзана одлука ќе биде на штета на учениците и секако ми претставува поголем стрес од веќе познатата државна матура за која бев подготвена долго време пред одлуката за укинување. Не сакам мојот упис на факултет да биде уште еден во низата експерименти кои му се случуваат на образовниот систем со години“, додава таа.

Додека на македонските факултети ќе биде воведен приемен испит, не се знае како и според кои критериуми нашите ученици ќе можат да се запишуваат на странските универзитети.

Што се однесува до земјите во регионот, државна матура ќе се полага во Бугарија, Србија и Хрватска. Во Србија освен средношколците, мала матура ќе полагаат и осмоодделенците и покрај пандемијата.

 

 

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег