Утрински Весник
Македонија

Зелената количка со највкусниот сончоглед веќе 100 години ги храни делчевци

Зелената количка со највкусниот сончоглед веќе 100 години ги храни делчевци

Делчево, 28 мај 2020 (МИА) – Делчевското некогашно корзо го нема, но зелената количка со највкусниот сончоглед и понатаму е симбол на градот, занает што опстојува повеќе од еден век.

Кога ја нема зелената количка во Делчево, градот како да изгледа празно, а кога е на своето старо место во центарот на градот, Делчево како повторно да го има корзото, кое го паметат постарите генерации.

Од Захир Амитов, кој повеќе од 20 години е најпознатиот и единствен сончогледџија во градот, научивме нешто повеќе за овој занает, чие семејство над 100 години егзистира од продажбата на сончоглед.

Наследувајќи го занаетот од татко му Фикри, а тој од дедо му Усаин или како што сите го знаат Усо, раскажува дека во сите тие години количката со сончоглед секогаш ја има препознатливата зелена боја.

– Дедо ми Усо нема кој не го знае. Освен на сончогледот и вкусните семки, сите се сеќаваат на шеќерните петлиња и шеќерни јаболка, шарени бонбони, леблебија и кикиритки. Тој работеше некаде до крајот на деведесеттите години, поточно 1986-1987 година. Секогаш присутен на добро познатото место остави голем белег во градот и е во сеќавање на сите постари генерации. Татко ми Усаин по 1986 година ја продолжи традицијата, а јас сум најмладиот што реши да го продолжи она што го започнаа моите предци, вели Амитов.

Тајната за добриот глас што го бие ова семејство, како што додава Захир, е во начинот на подготовка на сончогледот и останатите производи.

– Сончогледот, семките и останатите зрнести производи, меѓу кои кикиритки, леблебија, бадеми и други производи, ги подготвуваме во специјален казан и посебни печки. Тоа е рецепт што отсекогаш го користиме, така што нема простор за грешка. Најверојатно поради тоа и луѓето го купуваат. А според наша статистика, може да кажеме буквално нема човек што не купил сончоглед од зелената количка. Не постои таков во Делчево. Нашиот сончоглед не само што го купуваат овдешните жители туку често е баран и во другите градови од Македонија и надвор од државата. Често полни вреќи печен сончоглед праќаме по карго или со комбиња се носи во Италија, Швајцарија, Германија. Квалитетот пред сè е најважен и затоа е така, додава Амитов.

За Захир е мошне убаво чувството кога знае дека присуството на зелената количка на некој начин го одржува движењето низ градот.

-Ние практично со нашиот занает го одржуваме шеталиштето во Делчево, од паркот до Хотел „Македонија“ и назад. Самите луѓе велат дека кога зелената количка не е на своето место, и градот е празен. Има и на други места сончоглед, во продавници, во пилјари, но квалитетот не е ист. Затоа тоа нè прави горди и затоа секогаш сме тука да ги опслужуваме граѓаните, додека прават прошетка во нашето убаво гратче, додава делчевскиот сончогледџија.

Поради корона-кризата семејството извесно време паузираше со работа, што за самите нив значи и загуба бидејќи занаетот трпи, а е зависен од продажбата.

– Ова се тешки моменти за секој од нас. Нормално е дека сме зависни од продажба, која поради коронавирусот повеќе од еден месец паузираше. Ако и притоа се додадат зимните месеци, испадна поголема пауза од вообичаеното, додава Захир.

Сепак, на радост на сите, зелената количка од неодамна повторно е на своето старо место.

– Со олабавувањето на мерките и ние започнавме повторно со работа. Нормално, условите се такви и ќе ги следиме препораките на надлежните и временски и здравствено, така што секоја препорака за заштита од вирусот ќе ја почитуваме. Очекуваме наскоро сето ова да заврши и повторно градот да биде во својот препознатлив сјај, рече за крај на разговорот Амитов.

Тој ги покани сите на вкусен сончоглед, пуканки, кикиритки и сите добро познати производи од единствената зелена количка во Делчево.

Валери Спасевски

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ поднесе амандман за награда на пожарникарите, полицајците, војниците, за гасењето пожари

Тужба против бившиот економски директор на Детска клиника Аљајдин Мемеди

Уште една жртва од нападот во училиштето за танци во Англија, на повредите им подлегна деветгодишно девојче