93-годишна баба и нејзиниот 42-годишен внук по осум години го завршија предизвикот да ги посетат сите 63 национални паркови во Амеркика, пишува „Дејли мејл“.
Џој и Бред Рајан (42) од водопадите Охајо, почнале со посетите во 2015 година. Бабата Џој дотогаш немала видено планина ниту море.
Дуото во понеделникот го заврши своето патување во Националниот парк на Американска Самоа во јужниот дел на Пацификот, а сега дури и прават планови да патуваат низ светот.
Иако почнале да патуваат во 2015 година, тие почнале да го документираат своето патување на нивниот Инстаграм-профил, каде што може да се пофалат со преку 70.000 следбеници, во 2019 година.
Бред, ветеринар, ја сподели веста за нивната последна авантура на нивниот профил на социјалните мрежи, нарекувајќи го „најголема привилегија“ патувањето покрај баба си.
„Најголемата привилегија во мојот живот беше да бидам на возачкото место за патувањето на баба Џој“, напиша внукот.
„Ние им пркосевме на погрешните претпоставки за ограничувањата на стареењето. Ние им пркосевме на финансиските и логистичките ограничувања. Дури пркосевме и на пандемијата. И можеби сте забележале дека случајно ја направив баба Џој суперѕвезда, како што јас отсекогаш ја знам.
Имаме многу да споделиме со вас од Националниот парк на американска Самоа. Но, денес ја впиваме секоја унца радост што ни доаѓа од целиот свет. Вашата љубов и поддршка беа горивото што не доведе до целта“, вели внукот.
Нивната последна авантура била горчливо одбележана оти се случила само една недела откако починал таткото на Бред, одосно постариот син на Џој.
Бред истакна дека со достигнувањето на последниот чекор во нивното патување, тие му покажале на светот дека „никогаш не сте премногу стари за да се појавите и да го живеете авантуристичкиот живот од вашите соништа“.
Во текот на своето време во нивниот 63-ти парк, Џој и Бред поминале време во прашумата и поминале малку време „еден на еден“ со мајката природа, според нивниот Инстаграм.
Иако го посетија и последниот парк, нивните планови за патување сè уште не се завршени.
Бред и баба Џој изјавија дека сега на нишан го имаат светот.
„Сега кога ги посетивме сите американски национални паркови, погледите ни се вперени во светот, се надеваме дека ќе успееме да стигнеме на сите седум континенти. Се упатуваме кон Кенија за експедиција на National Geographic во јули. Не би ме изненадило да ја видам баба Џој како лета низ вселената или како оди по Месечината. Вака би требало да изгледа 93-та ако имаме среќа да живееме колку што живее таа“, изјави Бред.
Патувањето на бабата и внукот почнало откако бабата открила дека посакувала да патувала повеќе. Така им се родила идејата што ги поттикнала да патуваат.
„Мојот дедо, кој почина пред две децении, беше хранител на нивното семејство. Тој ги правеше сите нивни планови за патувања додека беше жив. Баба Џој му се придружуваше на зимските риболовни патувања до езерото Окичоби во Флорида откако тој се пензионираше, но таа никогаш не ги виде планините. Таа никогаш не патувала на запад. Кога го обработив она што ми го кажа, се сеќавам дека мислев дека никогаш нема да си простам ако умре сама во Охајо без да ги види Големиот Кањон, Јелоустоун, Јосемит и многуте иконски пејзажи на Америка. Беше засадено семе“, вели внукот Бред.
За исполнување на замислата бабата и внукот заедно искачувале планини, биле на рафтинг и спиеле под ѕвездите.
За целиот период, можеби она што било најневеројатно за двајцата, тие станале „најдобри пријатели“, откако повторно се поврзале и ја зајакнале врската што ја изгубиле кога не зборувале 10 години – среде разводот на родителите на Бред.
Џој, исто така, му помогнала на Бред да стане поотпорен. Го поддржувала во борбите за ментално здравје од кои тој страдал пред нивното прво патување во 2015 година.
Во меѓувреме, Џој изјави дека патувањата што ги направиле биле „надвор од сè што можела да замисли во нејзиниот живот“.
Бабата е воодушевена од она што го виделе, објаснувајќи дека и двајцата имале среќа да искусат и да видат работи што другите можеби никогаш нема да ги видат во нивниот живот.
„Останувам благодарен за можноста да му покажам на светот дека без оглед на возраста, можно е да се надополни изгубеното време“, вели Бред.
Тој додава дека баба Џој, која повеќето од нивните ноќи ги поминала во шатор, „ги инспирирала луѓето на нејзина возраст да излезат од столчињата за лулка и да истражуваат“.