Патнички авион на Азербејџан ерлајнс се урна утрово на три километри од аеродромот во Актау, западен Казахстан, при што животот го загубија 35 лица, а 32 патници успеале да преживеат.
Според казахстанското Министерство за транспорт, во авионот имало патници од пет различни земји: 37 државјани на Азербејџан, шест од Казахстан, тројца од Киргистан и 16 Руси.
Руската агенција за надзор на воздушниот сообраќај соопшти дека првичните податоци укажуваат на тоа дека пилотот се одлучил за принудно слетување откако авионот удрил во птица.
Несреќата се случила додека авионот летал од Баку кон Грозни. Поради густата магла во Чеченија, летот бил пренасочен кон Махачкала, административен центар на Дагестан. Но, и таму условите биле неповолни, па пилотот побарал дозвола да слета во Актау. Несреќата се случила на само неколку километри од пистата.
Руски медиуми изнесоа и друга верзија на настаните, тврдејќи дека авионот бил пренасочен поради напад на украински дрон врз воздушниот простор во Грозни.
Казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев веднаш нареди детална истрага за несреќата, додека азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ја прекина посетата на Русија за да се врати во Баку. Рускиот претседател Владимир Путин изрази сочувство до семејствата на жртвите и до претседателот на Азербејџан.
Истражните органи работат на утврдување на точните причини за трагичниот настан, кој го потресе регионот.