Утрински Весник
Македонија

Џафери на средба со претседателката на италијанскиот Парламент, Казелати

Во рамките на работната посета на Италија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Н.Е. Мариа Елизабета Алберти Казелати, претседателка на Сенатот на Италијанската Република.

Претседателката Казелати, во име на сенаторите, посака топло добредојде на претседателот Џафери и делегацијата и ја поздрави динамичната соработка меѓу двете држави, која се одвива во континуитет со посети на високи државни делегации од двете земји. Италија е земја осведочен пријател на Република Северна Македонија, која даваше безрезервна поддршка за зачленувањето на земјата во НАТО. Со членството во НАТО, нашата земја придонесува кон стабилноста на целиот регион на Западен Балкан, а со новиот воен конфликт во срцето на Европа, оваа остварена цел добива силно стратешко значење.
Воедно, во контекст на европските интеграции, таа изрази јасно уверување дека претстојниот состанок на Европскиот совет ќе значи чекор напред во однос на приемот на Република Северна Македонија во ЕУ, за што Италија дава поддршка во континуитет.

Претседателот Џафери се осврна на одличните билатерални односи меѓу двете држави, кои со потпишувањето на Протоколот за парламентарна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Домот на пратеници на Италијанската Република, отвораат нова динамична агенда во насока на креирање на можности за интензивна соработка на парламентарен план. Ја подвлече улогата на Италија како важен политички и економски партнер на Република Северна Македонија, а особено значајна за нас е силната италијанска поддршка, како во периодот на осамостојувањето, така и во сите клучни фази на нашите евроатлантски интеграции. Се согласи со претседателката Казелати дека војната што сега беснее во срцето на Европа, која по падот на Берлинскиот ѕид никој не ја очекуваше, ќе остави силни последици по глобалната безбедносна архитектура. Сите овие предизвици уште повеќе ја наметнуваат потребата од целосна европска интеграција на Република Северна Македонија, но и останатите земји од Западен Балкан и е прашање на кое ЕУ треба многу сериозно да пристапи и да процени дека секое одолговлекување на процесот на проширување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски и енергетски план, така и на политички план.

Двајцата соговорници ги истакнаа сите предности на парламентарната дипломатија – на билатерален и мултилатерален план, кои ќе придонесат кон заеднички пристап на државите во надминувањето на сите предизвици наметнати од пандемијата и војната во Украина, бидејќи последиците се рефлектираат на сите земји подеднакво, и тука не само што е потребна сплотеност на земјите од европскиот континент, туку и на големите светски сили.

Можете да прочитате

ДИК предупреди дека неколку избирачки одбори не постапувале според упатството за гласање

Излезноста на гласачите за претседателските избори до 15 часот е 31,98 отсто, а за парламентарните 36,84 проценти

Бојмацалиев: МВР гарантира фер, слободни и демократски избори