Утрински Весник
Економија

Ќе се засилат заедничките економски истражувања на Народната банка и Економскиот факултет

Ќе се засилат заедничките економски истражувања на Народната банка и Економскиот факултет

Ќе се засилат заедничките вложувања во економските истражувања и во унапредувањето на знаењата и вештините на идните економисти, како и на оние коишто ќе ја продолжат својата едукација со втор или трет циклус студии од областа на економијата. Со ова ќе се оствари заеднички влог во натамошно јакнење на економијата – од една страна имајќи го предвид клучното значење на економските истражувања за водењето на политиките, а од друга страна, влогот во квалификуваниот кадар којшто понатаму ќе може да се вложи во економските текови и во институционалните капацитети.

Ова се дел од констатациите од состанокот на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите на Народната банка со деканот на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Предраг Трпески и продеканот, проф. д-р Мијалче Санта.

На состанокот, меѓу другото, се разговараше за економските прашања за коишто во претстојниот период ќе се спроведуваат заеднички истражувања на истражувачи од двете институции, од што би произлегле и публикувани истражувачки трудови, коишто не само што ќе бидат фокусирани на натамошно анализирање на македонската економија, туку ќе придонесат и за унапредување на условите за носење на одлуките од носителите на политиките во економската сфера.

Одделно се разговараше и за предизвиците околу натамошното унапредување на наставните програми на Економскиот факултет, со цел студентите уште подобро да бидат упатени во меѓународните трендови и поподготвени за практичните аспекти коишто се клучни по завршувањето на студиите, вклучително и во однос на истражувачката активност. Со тоа ќе се оствари влог и за унапредување на состојбите на пазарот на трудот, што е во интерес на економијата во целина.

На состанокот беше посочено дека е предвидено подготовката на новите наставни програми на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ да се одвива како инклузивен процес и беше договорено дека во активностите, со своите експертски видувања, ќе се вклучи и Народната банка. Како што беше кажано, на среден и долг рок, ова е вложување и во институционалниот капацитет на Народната банка, имајќи ја предвид практиката на отворени врати за најдобрите студенти на економските факултети, што е настојување на централните банки и во развиените земји.

На состанокот, деканот Трпески ѝ ја врачи плакетата доделена на Народната банка по повод 70 години од основањето на Економскиот факултет – Скопје, а за особен придонес во развојот на Факултетот, на гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Мицкоски очекува успешна сезона за лозарите

Трипуновски во посета на откупни центри за пченица во Пелагонискиот регион

Во Одборот на директори на ЗК Пелагонија влегува Јове Кекеновски