Утрински Весник
Култура

Јубилеј на кореографката Рисима Рисимкин на Охридско лето

Јубилеј на кореографката Рисима Рисимкин на Охридско лето

Една од водечките домашни кореографи, уметнички директор на светски реномираниот Скопје Танц Фест и основач на првата официјална компанија за современ танц во земјава, Рисима Рисимкин, годинава одбележува триесет години активно кореографско творештво.

На 18. август, понеделник, во 21 часот, со претставата „ИДЕНТИТЕТИ – Историја на еден растегнат сон“, Рисимкин ќе го одбележи јубилејот во предворјето на црквата Св. Софија во Охрид, како дел од годинешното издание на Охридско Лето 2020.

„Среќна сум што и покрај ситуацијата која нѐ затекна успеваме да најдеме начин на работа и делење на уметноста со нашата публика, што е и есенцијално. Сметам дека одбележување триесет години активна работа во полето на современиот танц на 60-ото издание на манифестација како што е Охридско лето е вистинскиот начин да се прослави овој јубилеј. Посебно се чувствувам поврзана со овој наш фестивал, бидејќи токму таму, во 1996 година започна „Неделата на модерен балет“ во организација на Интерарт културниот центар, како прва организирана манифестација за современ танц во Македонија, благодарение на слухот и препознавањето на визијата која ја имавме, од страна на тогашниот селектор, госпоѓа Снежана Чадикова. Се надевам дека публиката ќе ужива во претставата, што со толку љубов ја подготвуваме. Се чувствуваме како повторно да го откриваме храмот на уметноста, која, сигурна сум, ќе го спаси светот. Во претставата учествува една извонредна танчерска и креативна екипа, на Скопје танцовиот театар, кој оваа година во своите редови ги вклучува Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески и Исидора Краљевска. За прв пат, како кореограф остварувам соработка со првенката на Националната опера и балет, Мими Поп-Алексова и сум исклучително задоволна од процесот на креирање“, истакна Рисимкин.

Претставата е во кореографија и режија на Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костимите се на нејзиниот долгогодишен соработник Благој Мицковски, а сценографијата е со потпис на Матеа Мијановиќ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“