Утрински Весник
Македонија

ЈП „Чистота и Зеленило“ ја чисти „дивата“ депонија пред влезот на кумановската населба Перо Чичо

ЈП „Чистота и Зеленило“ ја чисти „дивата“ депонија пред влезот на кумановската населба Перо Чичо

Куманово, 5 март 2020 (МИА) – Во рамки на програмата за одржување на улицата „Ѓорче Петров“, денеска екипи на кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“ ја чистеа дивата депонија пред влезот на населбата Перо Чичо. Сметот од депонијата се префрла на оваа централна улица во населбата и затоа се организира акцијата, велат, надлежните од јавното претпријатие. Досега, изнесени се осум камиони-кипери со смет.

-Во наредниот период планираме да направиме физичка бариера од дрвја, ќе се насадат околу местото на сегашаната депонија и сметаме дека на овој начин ќе го спречиме фрлањето на сметот и ќе ги стимулираме граѓаните да не фрлаат. Заедно со невладината организација „ДРОМ“ и согласно потпишаниот Меморандум за соработка, планираме во наредниот период изградба на мини парк со урбана опрема во која ќе учествува и претпријатието, најави директорот на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски.

Тој апелираше да не се фрла смет на оваа локација и го повика месното население да ги пријави несовесните граѓани и до надлежните институции, но и до самото претпријатие кое понатаму ќе ја изврши пријавата.

Расчистувањето на депонијата ќе продолжи и во наредниот период бидејќи има поголема количина на смет. Лани, претпријатието организираше шест акции за расчистување на „дивата“ депонија. Последната акција беше организирана во октомври-ноември, а оваа година претпријатието морало да исчисти дел од депонијата, бидејќи жителите од населбата поради натрупаниот смет не можеле да  проаѓаат.

На оваа локација се изведуваат и градежни работи од компанија изведувач во рамки на изградбата на железничката пруга Куманово-Бељаковце. Сообраќајот веќе извесен период се изведува под времен режим.

-Имавме состанок со изведувачот и со претставници на „Македонски железници“ и дојдовме до заклучок дека е потребна физичка бариера. Ќе се бара решение за поставување звучна бариера на преминот, ќе бидат затворени неколку пристапни патишта кои ќе водат до пругата за да ги ограничиме „дивите“ превозници кои најчесто го фрлаат сметот на ова место, со цел да се најде механизам да се спречи создавањето на депонијата-изјави Стојчевски. ам/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи

Тешка сообраќајна несреќа пред влезот на Клинички центар

Мицотакис: Не гласавме за договорот од Преспа затоа што со него се признава македонската нација и јазик