Воведувањето на бесплатен јавен превоз во Луксембург пред една година не ги промени драстично навиките на граѓаните. Тие сè уште не го користат многу.
Една година откако стана бесплатно, само двајца од 10 жители редовно одат на работа со јавен превоз. Шест од 10 лица сè уште патуваат со автомобил, според државната агенција за статистика.
Со население од само 614.000 жители, Луксембург е една од најмалите земји во Европа и е прва земја во светот каде од 29 февруари 2020 година јавниот превоз е бесплатен за сите.
Една од целите на проектот беше да се зголеми бројот на патници во јавниот превоз за 20 проценти до 2025 година.
Луксембург има огромен сообраќаен проблем. Главните патишта редовно се зафаќаат во сообраќаен метеж, автобусите се старомодни, а железничката мрежа е позната по доцнењата.
Околу 200.000 работници, што е скоро половина од работната сила на Луксембург, патуваат од Белгија, Франција и Германија и ги привлекуваат добрата плата и богатата економија.
„Бензински туристи“ од соседните земји, кои ја преминуваат границата поради пониските цени на дизелот и бензинот, исто така создаваат метеж.
Изгубениот приход од билетите, поради бесплатен јавен превоз, изнесува 41 милион евра, но тоа го компензираат даночните обврзници.
За многу работници во Луксембург, сепак, државата го субвенционираше годишниот билет, така што всушност малку луѓе потрошија пари за превоз претходно.