Утрински Весник
Свет

Ѓукановиќ: Проблемите на Балканот се последица на конфузија во односите со ЕУ, ни треба членство

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во Берлин изјавил дека голем дел од проблемите на Западен Балкан се должат на конфузијата во односите на Европската Унија и дека третите страни го искористиле тоа за да ги зајакнат своите спротивставени интереси, пренесуваат медиумите во соседството.

„Мислам дека оваа конфузија беше предизвикана од многу шарени пораки кои со години доаѓаат од различни адреси“, изјавил Ѓукановиќ по разговорот со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Осврнувајќи се на изјавата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за потребата од создавање европска политичка заедница, Ѓукановиќ на новинарите им кажал дека би било важно да се слушне малку подетална елаборација на таа идеја.

„Европа треба да го потврди она што го кажа во изминатите 30 години кога реализираше неколку бранови на проширување: „А тоа е дека секоја европска земја, вклучително и секоја земја од Западен Балкан, има свое место во ЕУ и дека Европа ја продолжува политиката за проширување, што значи дека секој ќе си го добие своето место во зависност од способноста да спроведе реформи и да достигне стандарди. Ништо освен тоа“, нагласил црногорскиот претседател.

Според него ваквата порака „малку ќе ја расчисти маглата над Западен Балкан, која се прошири благодарение на конфузијата во последните неколку години и повторно го отвори просторот за влијание на малигните политики“.

„Затоа што, сакале да си признаеме или не, Западен Балкан е традиционално простор во кој многумина успешно манипулираа низ историјата, многумина успешно не спречија во она што се нашите стратешки интереси“, кажал црногорскиот претседател.

Тој додал дека ова е време кога треба да се престане со манипулациите и сите да се фокусираат на она што е несомнен заеднички интерес и заедничка цел, во чие остварување ЕУ треба да му помогне на регионот со своето единство и одлучност.

„Добивме очекувана, многу поволна порака дека Германија го гледа Западен Балкан во ЕУ и дека, се разбира, сака да продолжи да ги почитува правилата во политиката за проширување што важат за сите сегашни членки на ЕУ“, рекол тој.

„Повеќе не може да се толерираат различни ставови бидејќи тие само дополнително ќе ја заматат суштината, а таа суштина е неизбежноста на европската перспектива. Кога таа суштина ќе се замагли, тогаш, се разбира, се отвора простор за натамошно влијание на трети страни кои дејствуваат од антиевропската платформа“, изјавил тој.

„Мислам дека не ни треба алтернатива, ни треба членство“, нагласил Ѓукановиќ.

Можете да прочитате

Туск свика состанок со безбедносните служби поради закана за шпионажа

Гутереш: Израелска офанзива врз Рафа би била стратешка грешка и хуманитарен кошмар

Автобус излетал од пат во Перу, најмалку 10 лица загинале