Премиерот на Шпанија Педро Санчез побара од вработените во јавниот и приватниот сектор да престанат да носат вратоврски како мерка за заштеда на енергија за време на топлотниот бран.
Премиерот објасни дека на луѓето без вратоврска ќе им биде помалку топло и дека ќе се намалат трошоците за енергија бидејќи поретко ќе се користат клима уредите.
Санчез на прес-конференцијата во Мадрид истакна дека не носи вратоврска и рече дека сака неговите министри, јавни функционери и вработени во приватниот сектор да прават исто.
„Ова значи дека сите можеме да заштедиме енергија“, рече тој.
Шпанија не е првата земја што направила ваков чекор. Во 2011 година, Јапонија имаше кампања Super Cool Biz со која ги охрабруваше канцелариските работници да носат облека со која полесно ќе дишат во текот на летото. За време на високите температури во Велика Британија, на политичарите им беше кажано дека можат да ги соблечат сакоата додека се во Долниот дом.
По војната во Украина, европските земји се обидуваат да станат помалку зависни од рускиот гас.
Во последните неколку недели Европа доживеа рекордно високи температури. Вчера во Мадрид беа измерени 36 степени Целзиусови, а во Севиља 39. Поради екстремно високите температури во текот на изминатите неколку недели, владите ширум светот почнаа да размислуваат за потрошувачката на енергија, од перспектива на заштита на животната средина и заштеда на трошоци. Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и подолготрајни поради климатските промени предизвикани од човековата активност.
За време на неодамнешните топлотни бранови во Шпанија, во последните две недели се забележани повеќе од 500 смртни случаи поврзани со високи температури.