Утрински Весник
Свет

Шпанската полиција открила нелегална работилница за 3Д-печатење на оружје

Шпанската полиција открила нелегална работилница за 3Д-печатење на оружје

Шпанската полиција запленила оружје, вклучително и митралез и експлозив, во рација на, како што се нарекува, првата илегална работилница за 3Д-печатено оружје во Шпанија, способна да произведува делови за оружје за неколку минути, пренесува РТ.

Полицијата извршила рација во објект во Санта Круз де Тенерифе на Канарските Острови во Шпанија и го уапсила неговиот сопственик, чиј идентитет не е откриен, се вели во соопштението на шпанската национална полиција. Операцијата се случила во септември 2020 година, но останала тајна до сега преку одлука на шпански суд.

За време на рацијата, полицијата запленила 19 рамки за пиштоли, печатени во 3Д формат, девет шаржери, два придушувачи, како и бројни делови од оружје. Откриена е и копија од автоматска пушка „ерсофт АР-15“, како и два елетрични пиштола, пет ножа, мачета и катана.

Полицијата верува дека деловите од оружјето биле произведени во работилницата со употреба на технологија за 3Д-печатење, бидејќи биле пронајдени и два 3Д принтера и 11 калеми филамент за нив. Според извештаите на некои медиуми, опремата пронајдена на самото место му овозможувала на сопственикот да произведе цевка за пиштол за само неколку минути.

„Уапсениот може целосно да произведе мало огнено оружје“, се вели во соопштението.

Освен деловите од пиштолот, откриени се и разни хемиски супстанци што се користеле за производство на експлозив, вклучувајќи црн барут и ацетон.

Пронајдени биле и повеќе од 30 прирачници, вклучително и за тоа како да се произведе огнено оружје преку 3Д печатење, заедно со, како што ги нарекле властите, терористички прирачници и текстови за урбана борба, производство на рачно изработени експлозиви и за употреба на огнено оружје.

Мотивите на сопственикот на работилницата сè уште не се обелоденети во јавноста. Осомничениот бил обвинет за нелегално поседување огнено оружје и експлозив.

Настаните предизвикаа загриженост кај шпанската полиција дека технологиите што се користеле во оваа работилница можат да им овозможат на криминалците и на терористите да соберат огнено оружје без привлекување премногу внимание.

„Адитивното производство – познато и како 3Д печатење – е технологија што експоненцијално ја зголемува опасноста од ширење на огненото оружје, овозможувајќи им пристап на криминалните и на терористичките групи“, соопшти полицијата.

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња