Утрински Весник
Македонија

Шахпаска: Министерството за труд со четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024

Шахпаска: Министерството за труд со четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на министерскиот состанок организиран од Министерство за финансии, на кој се дискутираше за предложените реформски мерки во новата Програма за економски реформи 2022-2024.

Програмата на економски реформи е најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Програмата содржи среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика, и детален приказ на структурни реформи кои треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и креирање на работни места, информираат од министерството за труд.

Подготовката на овој документ на ниво на Влада е координирана од страна на Министерството за финансии, и е резултат на интензивна меѓуресорска соработка.

Министерството за труд и социјална политика предлага четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024 во следните три области: Деловно опкружување и намалување на неформалната економија, Вработување и пазар на труд и Социјална заштита и инклузија.

Мерката во областа „Деловно опкружување и намалување на неформалната економија“ гласи: Унапредување на координацијата и напорите за справување со неформалната економија.

„Идејата е да се рефлектира поширокиот опфат на оваа мерка во делот на нови реформски и други активности за подобро справување и намалување на неформалната економија. Тоа би се овозможило преку дополнителни активности како воведување на систем на идентификациони картички за вработени во секторите каде е присутна појавата на непријавена работа, дизајнирање на предлог-модели за намалување на непријавената работа кај сезонските работници, спроведување на информативна и едукативна кампања за непријавената работа и негативните ефекти за работниците и општеството, во целина,“ рече Шахпаска.

Во областа „Вработување и пазар на трудот“ Министерството за труд и социјална политика, предлага нова мерка „Зголемување на флексибилноста на пазарот на труд и проширување на опфатот со активни мерки за вработување“. Предложената мерка има за цел да придонесе кон подобрување на состојбите во делот на пазарот на труд и вработеноста во Република Северна Македонија. Во оваа област спаѓа и мерката за финансиска поддршка на претприемачи роми. Оваа мерка се однесува на проектот за „Финансиска поддршка за развој на претприемништво кај припадници на ромската заедница со мечинг фонд“ кој е заеднички проект на Владата на Република Северна Македонија и Иницијативата за развој на ромско претприемништво – РЕДИ.

Третата област во која МТСП предлага мерка е „Социјалната заштита и инклузија“. Предложена мерката гласи „Зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории на лица“ и опфаќа две компоненти Активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд и Подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги.

На министерскиот состанок се формираа заеднички заклучоци кои ќе се земат предвид при подготовката на новата Програма за економски реформи 2022-2024.

Можете да прочитате

Пендаровски нема да ги користи привилегиите, се враќа како професор на универзитетот Американ Колеџ Скопје

Започна аплицирањето за директни плаќања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година

Филипче: СДСМ во следниот период ќе помине низ длабока внатрешна реформа