Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција замоли граѓаните да ги почитуваат препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од коронавирусот, посочувајќи дека Министертсвото за внатрешни работи презема широк спектар на мерки и активности, со цел заштита на здравјето на граѓаните на нашата држава.
Чулев денеска упати апел до граѓаните да се воздржат од патувања надвор од територија на државата, но и да го ограничат движењето и собирањето во поголеми групи на граѓани во текот на работниот ден.
-Има многу граѓани кои што се на привремена работа во странство, лица кои живеат во странство, се ближат и Велигденските празници и во католичките земји, така да апелирам воопшто да не се обидуваат да доаѓаат во нашата држава бидејќи постои сериозна можност истите да бидат заглавени на граничните премини, но и да ја донесат заразата во нашата држава. Оние луѓе кои се заглавени, апелирам да останат таму каде што се. Доколку има потреба, ќе се организира хуманитарен конвој меѓутоа тоа е многу тешко, затоа што граничните премини не се контролирани од МВР, туку тоа зависи од одлуката други држави, истакна Чулев.
Информира дека МВР отвори бесплатна линија на која сите граѓани можат да се информираат за сите активности од ингиренции на Министерството, а кои се поврзани со постапувањето на МВР во врска со спречување на ширењето на коронавирусот.
Телефонскиот број е 0800 00201, работи 24 часа, седум дена во неделата. Бројот е на два јазика, на македонски и албански јазик.
Отворена е и мејл адресата на Министерството mvrinformaciiuslugi@mojgov.mk, за поставување прашања или пријавување случаи за непочитување на инструкциите и одлуките на Владата во врска со справувањето со коронавирусот.бт/са/