Барселона, 4 мај 2020 (МИА) – Тренерот на катарски Ал Сад, Чави Ернандез повтори дека му треба повеќе искуство во работата за да се зафати со клуб како што е Барселона, но се надева дека тоа ќе се случи пред Лионел Меси да замине во пензија.
Каталонците имаа сериозна намера да го доведат на клупата оваа зима, но добија негативен одговор.
– Во јануари, зборував само со Абидал и Грау. Добив примамлива понуда, но не беше вистинското време да ја прифатам. Ми треба повеќе искуство. Барселона е мојот сон и би сакал да бидам нејзин тренер еден ден. Го кажав тоа многу пати, рече Чави.
Поранешниот капитен на Барселона се надева дека тоа ќе се случи пред Меси да замине во пензија.
– Меси има пред себе пет или седум многу добри години. Тој се грижи многу за себе и ќе може да игра до 37, 38 или 39 години. Сигурен сум дека ќе игра на Светскиот куп во Катар, посочи Чави .
Легендарниот ас верува дека враќањето на Нејмар во Барселона би бил полн погодок.
– Нема сомнение дека тој е меѓу првите три или пет играчи во светот. Тој може да направи разлика. Играв со него. Тој има одличен карактер. Неговиот потпис би бил прекрасна работа, заклучи Чави.