Сите специјални мерки против ширењето на коронавирусот во општините на северот на Црна Гора ќе бидат укинати од денес, соопшти Владата на оваа земја.
„Привремените мерки против ширењето на коронавирусот, воведени последователно во општините од Северниот регион на 25 јуни, дадоа резултати во стагнација на стапката на нови случаи, со што се создадоа услови за укинување на одредени мерки, со цел нормализирање на животот и економските интереси“, стои во владиното соопштение.
Сите угостителски објекти во Црна Гора ќе можат да работат од 6 до 24 часот, а оваа одлука важи за ресторани, кафеани, кафетерии, хотели и слични угостителски објекти, а се овозможува и обезбедување на угостителски услуги на плажа.
Во угостителските објекти, освен во крајбрежните општини (Херцег Нови, Котор, Тиват, Будва и Улцињ), угостителите мора да се придржуваат кон правилата според кои максимум двајца гости можат да седнат на маса во затворен простор, или четворица на терасата на објектот, забрането е самопослужување и задржување и стоење на шанкот, а столовите мора да бидат оддалечени едни од дрги најмалку два метра…
Се укинува и забраната за одржување на забавно-музички програми во рестораните, која беше воведена на 7 јули, но и натаму треба да се почитува физичкото растојание од два метра, а изведувачите да носат заштитни маски, освен пејачите и музичарите кои свират на дувачки музички инструменти, а на гостите им е забрането да танцуваат.
Продавниците, маркетите, трговските центри и пазарите треба да назначат лица кои ќе контролираат дали граѓаните или корисниците на услуги, кога влегуваат во овие установи, ги почитуваат обврските да носат заштитна маска и одржуваат физичко растојание.
Привремената мерка за фитнес центри и спортски сали, која беше воведена на 16 јули на територијата на Подгорица, се проширува на целата државна територија, така што во исто време може да има само по едно лице на 10 квадрати метри во просторот за рекреација, но не повеќе од 20 лица, со обврска да се почитуваат превентивните мерки.