Утрински Весник
Македонија

Царовска со порака до студентите – Се трудиме да го подобриме стандардот и да ве задржиме тука

Царовска со порака до студентите – Се трудиме да го подобриме стандардот и да ве задржиме тука

Грижата и посветеноста на државата кон младите влијае на нивното задоволство и желбата да се реализираат како личности во својата земја и да придонесат за нејзиниот севкупен општествено – економски напредок. Како Влада сме свесни за ова и затоа се трудиме континуирано да го унапредуваме ученичкиот и студентскиот стандард, да отвораме добро платени работни места и да ве задржиме, тука да ги остварите сите свои идеи и поставени животни цели. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната средба со студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на која се разговараше за тековните активности и идните планови на МОН врзани за унапредување на студентскиот стандард.

Министерката истакна дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение кое било дел од програмата за работа на Владата и е веќе во фаза на реализација. Аплицирањето е во тек и секој студент во државата кој ќе ги исполни условите од јавниот повик ќе добие по 2400 денари за 9 месеци во годината кои ќе можат да се искористат кај било кој трговец. Како што рече, според направените проценки се работи за околу 40.000 студенти кои ќе го остварат ова право, за што МОН обезбеди буџет од околу 15 милиони евра.

„Верувам дека нема незадоволни студенти од оваа мерка, бидејќи сепак ќе придонесе да се зголеми финансиската стабилност и секој ќе може да го оствари своето право на здрав и квалитетен оброк“, рече Царовска.

По однос на промените во политиката на стипендирање ученици и студенти, министерката рече дека имаат за цел младите навистина да ја почувствуваат поддршката која ја добиваат од државата.

„Ја зголемуваме понудата на стипендии преку воведување на низа нови категории, практично доделуваме 25 различни видови стипендии и најважно, ги зголемуваме износите на некои од постојните дури речиси двојно, што досега не се случило“, нагласи Царовска, додавајќи дека сите ученички стипендии кои до минатата година изнесуваа под 2000 денари месечно, сега се зголемуваат на 3500 денари, додека студентските се зголемуваат на 6050 денари, со исклучок на стипендиите за студенти запишани на математика, хемија и физика кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно.

На средбата со студентите, Царовска информираше и за можностите за стипендирање на втор и трет циклус на студии во државата.

„Чест ми е да соопштам дека во новата академска година, за прв пат воведуваме и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината. Конкурсите се објавени предвреме за сите да имате доволен период за обезбедување на потребната документација и во соодветните рокови да аплицирате и да го остварите своето право“, истакна министерката.

Покрај Царовска, на средбата учествуваше и ректорот на УЈИЕ, проф. д-р Абдулменаф Беџети, како и заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани кој рече дека младите се вклучени во креирањето на политиките, мерките и проектите на министерството, преку посебна работна група МОН-Млади и дека е задоволен што младите покажуваат проактивност за заедничко работење и придонес во дефинирањето на приоритетите на МОН.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа