Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Црвениот крст на Град Скопје со финансиска поддршка на Државна Лотарија од денеска ќе почне со дистрибуција на дезинфекциски средства и заштитни маски и ракавици за немоќните лица од трето доба.
Ќе бидат опфатени граѓани над 60 години од територијата на Град Скопје, но и од други градови каде Црвениот крст работи директно со немоќните и повозрасни лица.
Донацијата од Лотарија е во висина од 700 илјади денари со кои се обезбедени пакети составени од гел за дезинфекција, средство за дезинфекција на домот, антибактериски влажни марамчиња и заштитни маски и ракавици. Изработен е и едукативен леток со препораки за заштита од Ковид 19.
– Целта на заедничката соработка е да им се помогне на најранливите категории граѓани, односно лицата во трето доба кои се високо ризична категорија на граѓани. Со оваа активност ќе бидат опфатени повеќе од 2000 лица на територија на Град Скопје и други градови согласно приоритетите на листа на Црвениот крст, соопшти Црвениот крст. бак/дма/