Делта сојот, или попознат како индиски вид на коронавирус, стана доминантен во Велика Британија. Бројот на хоспитализирани лица расте во споредба со минатата недела.
Министерот за здравство на Велика Британија, Мет Ханкок, предупреди денеска дека е рано да се каже дали ограничувачките мерки ќе бидат укинати на 21 јуни, бидејќи последните извештаи покажаа дека новиот вид „делта“ е 40% позаразен од британскиот.
Институтот за јавно здравје на Англија во четвртокот објави дека (индискиот) „делта“ сој, сега е доминантен во Велика Британија, откако бројот на заразени скокнал од 5.472 на 12.431, објавија англиските гласила.
„Рековме дека ќе им дадеме на луѓето доволно време да се подготват за 21 јуни, за кога е закажан следниот чекор (за ублажување на мерките), и она што е важно е да видиме дали ќе бидат исполнети нашите услови што сме ги поставиле“, рече Ханкок.
Тој им даде надеж на Британците дека мерките може да бидат олеснети на 21 јуни и додаде дека бројот на хоспитализации од коронавирус останал ист, иако бројот на заболени е зголемен во претходните недели. Ханкок, сепак, додаде дека е важно да се види влијанието на новиот, „делта“ (индиски) вид на Ковид-19.