Скопје, 31 март 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека капацитетите за тестирање на граѓаните за коронавирусот во следните денови ќе се зголеми речиси за две третини имајќи ја предвид дополнително можноста за тестирање во приватните болици, донации и работата на мобилните тимови.
Филипче кажа дека веќе од утре со мобилните тимови двојно се зголемува капацитетите за тестирање во Скопје, а до крајот на неделата и во целата земја.
Мобилните тимови во Скопје ќе бидат поддршка за пунктовите за тестирање, пред се за највозрасните, а во смисла на тоа да седат дома и да се земе материјал во домашни услови, имајќи предвид дека тие се во најризичната група.
Министерот за здравство, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека смета оти бројката на тестови во Институтот за јавно здравје, како и во приватните болници, и со оние донации се сосема доволни за нашите потреби. Упати повторно на алгоритмот врз основа на кој се прават тестирањата и врз основа на него, според Филипче, добро се следат случаите.
-Се тестира пациент со симптоми и се следат неговите контакти, рече министерот.
Повтори дека пикот на вирусот кај нас се очекува да биде на крајот на април. ев/скс/