Пријавените за вакцина преку vakcinacija.mk најдоцна до понеделник ќе добијат термини за вакцинација, рече денес министерот за здравство Венко Филипче. Тој минатата недела рече дека по направениот пресек на 30 април, сите пријавени ќе добијат термини до 15 мај, а денес го продолжи тој рок до понеделник, односно до 17 мај, но рече дека приоритет ќе имаат повозрасните оти по направениот пресек на крајот на април се пријавиле уште 9.000 лица над 70 години кои дотогаш не биле пријавени.
„До утре или до понеделник сите пријавени ќе добијат термини. Акцентот ќе биде на новопријавените лица над 70 години, за да се заштити прво оваа категорија. Помладите е можно подолго да почекаат. Границата ќе биде 40 години. Тие под 40 години нешто повеќе ќе почекаат“, рече министерот Филипче.
Тој повтори дека на некои пунктови се вакцинирале и дваесетгодишни и триесетгодишни оти била исцрпена бројката на повозрасни граѓани пријавени за вакцина.
„Во некои општини поради помал број постари пријавени граѓани, добиле термини за вакцина и помлади, но еве пак ставаме акцент на повозрасните кои подоцна се пријавиле“, објасни министерот.
Преку системот за вакцинација досега се пријавиле околу 160.000 граѓани.
Денес во земјава треба да пристигнат 40.000 дози од вакцината на „Астра зенека“ за која се уште важи препораката да не се дава на лица помлади од 60 години, а утре ќе стигнат 100.000 дози од „Синофарм“, донација од кинеската армија.
Во текот на месецов треба да пристигнат и 500.000 дози од кинеската вакцина на „Синовак“.