Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ниту поради омикрон сојот на Ковид-19, ниту поради кој било друг сој не треба да се прават дополнителни рестрикции во државата.
„Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од оваа криза. Не може ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките се до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки“, кажа Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.
Тој оценува дека задолжителната вакцинација и мерките за патување како и претпазливоста да не се преполнуваат затворените простории, се сосем доволни.
„Животот постепено се нормализира, некаде целосно е нормализиран и сметам дека овие превентивни мерки се сосем доволни“, додаде Филипче.
Истакна дека олеснување за следниот министер за здравство е тоа што нема голем број пациенти во ковид-центрите.
„Замислете да имаше огромен број пациенти и преоптоварени ковид-центри. Сега ковид-центрите не се полни зошто нема пациенти, нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје, ниту ширум државата. Во огромен број од инфективните одделенија практично нема хоспитализирани“, потенцира Филипче.
Дел од пациентите кои се дијагностицирани, додаде тој, се праќаат на домашно лекување зошто имаат полесна клиничка слика.
„Ситуацијата е прилично мирна, Комисијата за заразни болести ќе ја прати ситуацијата и ако има потреба, секако ќе се предложат мерки“, рече Филипче.