Утрински Весник
Технологија

Фејсбук и Инстаграм со нови опции за поддршка на малите бизниси

Фејсбук и Инстаграм со нови опции за поддршка на малите бизниси

Инстаграм и матичната компанија Фејсбук најавија неколку нови фунцкии кои ќе им овозможат на корисниците да ја искажат нивната поддршка за малите бизниси. Новите функции се претставени со цел да им се помогне на бизнисите полесно да се справат со економските последици од коронакризата.

„Бидејќи многу продавници остануваат затворени, а социјалните мрежи служат како најпрометна улица во моментов, прибегнувањето кон онлајн водењето бизнис е потребно повеќе од кога било претходно. Објавуваме нови начини како луѓето да ги поддржуваат и откриваат малите бизниси, со повеќе алатки за информирање и поврзување на бизнисите со нивните клиенти“ – објавија од Фејсбук на својот бизнис блог во понеделникот.

За таа цел, на Инстаграм воведена е нова налепница која корисниците ќе можат да ја вклучат во нивните објави за да го претстават омилениот локален бизнис, без разлика дали станува збор за угостителски објект, книжарница, продавница или друго. Потребно е компанијата да има свој профил на оваа социјална мрежа. Кога некој ќе ја искористи налепницата, нивната објава ќе биде додадена во новото Shared Story, при што споменатиот бизнис ќе може истата објава да ја сподели на својот профил, но и директно да им испрати пораки на корисниците кои на овој начин го промовираат бизнисот.

Новата налепница може да се најде во Story опциите, додека во горниот дел на почетната страна на апликацијата, веднаш до сопственото Story се наоѓа и новата функција SupportSmall каде што се наоѓаат сите објави од следбениците кои ги промовираат малите бизниси.

Воведен е и хаштагот #SupportSmallBusiness.

Фото: скриншот од Инстаграм

Од компанијата соопштија дека Фејсбук продолжува да истражува начини да им овозможи на корисниците полесно да се поврзат со локалните бизниси. За таа цел, од неодамна воведен е делот наречен Business Nearby, кој им овозможува на корисниците да ги видат последните објави од компаниите кои се наоѓаат во радиус од неколку километри од нивната локација и притоа да можат да комуницираат со нив – да направат резервација или да им испратат порака. Малите бизниси се клучни за иднината на Фејсбук. Социјалната мрежа претходно објави дека на нејзините апликации се присутни 140 милиони компании.

Во соопштението е наведено дека двете апликации постојано ќе објавуваат информации, алатки и совети поврзани со Ковид-19 кои ќе бидат наменети за локалните бизниси. Најавени се промени и во Messenger и WhatsApp, апликации кои исто така се дел од семејството на Фејбук.

Претходно во март, Фејсбук ја претстави програмата за грант од 100 милиони долари за малите бизниси.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

ПРОДАЖБАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ВО ЕВРОПА ВО 2023 ГОДИНА ПОРАСНАЛА ЗА РЕЧИСИ 14 ПРОЦЕНТИ

Jana

Новите очила на „Apple“ најверојатно брзо ќе се распродадат

Jana

ЕУ ги казни „Валв“ и пет други компании поради ограничување на продажбата на видеоигри

META