Утрински Весник
Економија

ФАО: Европа и Централна Азија се обврзуваат да обезбедат сигурнa исхрана

Земјите од Европа и Централна Азија се обединети во заштитата на производството, набавките и трговијата со храна, дури и за време на војна. За време на 33. сесија на Регионалната конференција за Европа во Лоѓ, Полска, повеќе од 50 земји-членки на ФАО разговараа за можните начини и пристапи за реализација на оваа цел и за подобрување на исхраната и сигурноста на храната во регионот и ширум светот.

„Влијанијата на војната во Украина врз глобалната сигурност на храната треба итно да се решат и да се спречи понатамошна ескалација – глобалната сигурност на храната зависи од тоа“, изјави генералниот директор на ФАО, Кју Донгју, во неговите заклучни зборови. Решавањето на ова прашање, додаде тој, е можно само преку „заеднички, координирани акции и одговорни политики, вклучително и со поддршка на ФАО и преку насоките дадени во извештајот од Регионалната конференција“.

Клучните теми за кои се дискутираше минатата недела беа социјалните и економските последици од пандемијата и војната во Украина и нивното влијание врз глобалната сигурност на храната. На Регионалната конференција беа усвоени одлуките по растот на цените на основните намирници, растителното масло, ѓубривата и други земјоделски инпути, трговијата со земјоделско-прехранбени производи, климатските промени и нивните влијанија, зелено земјоделство, како и неухранетоста и нездравата исхрана.

На Регионалната конференција – највисокото раководно тело на ФАО за Европа и Централна Азија – учествуваа огромен број земји и делегати, при што лично се приклучија 26 министри и високи функционери одговорни за земјоделството и сродните области, како и претставници на Европската Унија, меѓународни организации и граѓанскотото општество – повеќе од 350 луѓе вкупно – собрани во Лоѓ, Полска и приклучени онлајн, е наведено во информацијата.

„Успешната трансформација на ефикасни, инклузивни, отпорни и одржливи земјоделско-прехранбени системи во регионот ќе бара ваша посветеност, чувство на сопственост, политичко лидерство и, што е најважно, ваша заложба за мир“, нагласи генералниот директор на ФАО.

Можете да прочитате

Одржана средба во Брисел за железничкиот Коридор 8

Народната банка и централната банка на Германија ја продлабочуваат соработката за зајакнување на институционалните капацитети

Владини функционери признаваат дека пензискиот фонд е загрозен, вели Филипче