Утрински Весник
Македонија

УНИЦЕФ ја поздравува одлуката училиштата да продолжат со настава додека траат преговорите помеѓу СОНК и Владата

УНИЦЕФ ја поздравува заедничката одлука на Синдикатот за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука за продолжување на наставата додека трае процесот на преговори во наредните недели.

Со оглед на задоцнетиот почеток на учебната година и пролонгираниот штрајк на наставниците, императив е не само да се избегнат дополнителни загуби во учењето, туку образовниот систем да закрепне од постоечката криза во учењето и да ја ублажи долгорочната штета врз добросостојбата на децата, севкупниот развој и продуктивноста на општеството. Голема е веројатноста дека овие загуби ќе имаат негативно влијание врз децата денес, но ќе се одразат и на нивната иднина и социоекономскиот развој на земјата.

Исто така УНИЦЕФ го поздравува и го охрабрува вклучувањето и учеството на младите во изнаоѓање решенија за да се надомести пропуштеното во учењето, да продолжи наставата и да се најдат решенија за државната матура. Воедно, УНИЦЕФ потсетува дека, особено во ситуации во кои децата и младите го носат најголемиот товар, одговорност е на општеството како целина да создаде услови тие безбедно да го изразат своето мислење онлајн и преку други канали. Ги повикуваме медиумските професионалци да ги задржат високите стандарди на известување кога се вклучени деца и млади, како и досега.

Сега кога децата се повторно во училишните клупи, неопходно е наставниците да го оценат нивото на знаење на учениците и да обезбедат настава прилагодена на потребите и нивото на детето за да се постигнат планираните резултати во учењето. Треба исто така да имаме на ум дека една учебна година се остварува со 172 дена настава, а не со достигнување фиксен датум во календарот. Во тој контекст, го охрабруваме Министерството за образование и наука да изнајде решенија кои ги вреднуваат различните потреби на учениците имајќи го предвид најдобриот интерес на учениците. Најверојатно таквата флексибилност и разновидни решенија ќе бидат потребни и за државната матура.

Уште еднаш, УНИЦЕФ го поздравува заедничкото решение кое обезбедува приоритет на најдобриот интерес на децата. Додека траат преговорите помеѓу Владата и СОНК, УНИЦЕФ ги охрабрува сите чинители да се стремат кон решенија со кои ќе се одбегнат какви било понатамошни прекини во учењето на децата и да ги земат предвид многу потребните пошироки образовни реформи кои ќе овозможат остварување на правото на децата на квалитетно и инклузивно образование.

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”