Утрински Весник
Свет

Украинската армија недалеку од Киев продолжува да дава отпор на руските војници

Украинската армија недалеку од Киев продолжува да дава отпор на руските војници

Украинската армија спречи обид на руски воени единици да окупираат град недалеку од Киев, главниот град на Украина, јавува Анадолија.

Во соопштението на Генералштабот на украинската армија се наведува дека руските воени единици продолжиле со воздушни и копнени напади.

Се наведува дека нападот на руските единици предизвикал штета на воените и цивилните аеродроми, командниот штаб, системите за противвоздушна одбрана, клучните инфраструктурни објекти и населени места, а руски војници се обиделе и преку понтонски премин да ја преминат реката Ирпин.

– Украинските одбранбени сили уништија нова непријателска опрема. Во сите правци, тенковските и моторизираните единици на вооружените сили на Украина ја држат одбраната на контролните пунктови со артилериска поддршка. Воздухопловните сили на Украина ги одбиваат непријателските воздушни напади. Одбранбените единици формираа цврст и повеќеслоен одбранбен систем во Киев, се вели во соопштението.

Се додава дека борбата со руските групи облечени во украински униформи продолжила.

Градот Ирпин, недалеку од воената база Гостомел, е оддалечен околу 25 километри од центарот на Киев.

Можете да прочитате

Американски министер: Гренланд мора да биде дел од САД, Данска е небитна

Трамп тргна за Давос, ќе се обрати во 14.30 часот по европско време

Судири помеѓу полицијата и земјоделците пред ЕП во Стразбур