Вооружени лица кои денеска нападнаа членови на тимот за вакцинација против детска парализа во источен Авганистан убија четворица здравствени службеници и ранија уште неколку лица.
Ниту една милитантна група досега не презеде одговорност за нападите а заедно со четворицата убиени, ранети се уште најмалку тројца членови на здравствениот тим, изјави Јан Мохамед, координатор на вакцинација против детска парализа на истокот на земјата , пренесувaат агенциите.
Авганистан и соседен Пакистан се единствените преостанати земји во светот каде што детската парализа е ендемична, откако минатата година Нигерија беше прогласена без вируси.
Во март, терористичката организација Исламска држава прифати одговорност за убиството на три медицински сестри, кои беа дел од тимот за вакцинација против детска парализа, исто така во главниот град на авганистанската провинција Нангархар.
Авганистанската влада, со помош на УНИЦЕФ, се обидува да имунизира 9,6 милиони деца против детска парализа, а во 2020 година, земјата објави 54 нови случаи на оваа болест.
Иако не се невообичаени во Авганистан, нападите врз тимовите за вакцинација против детска парализа се почести во Пакистан, каде пакистанските талибанци и другите милитанти редовно вршат напади врз здравствениот персонал и безбедносните сили, тврдејќи дека тие се дел од западниот заговор за стерилизација на деца или собирање разузнавачки информации.
Двајца полицајци кои го обезбедуваа тимот за имунизација против детска парализа беа убиени во северозападен Пакистан минатата недела, а нападите станаа почести откако беше откриено дека ЦИА користела лажна кампања за вакцинација против хепатитис за време на потрагата по водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен.