Ако Северна Македонија сака да биде дел од Европската Унија, нејзините граѓани мора слободно да се самоопределат, напиша лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов на својот Фејсбук профил.
Повод за неговиот пост се официјалните информации на Државниот завод за статистика за пописот, според кој во Македонија има 3.504 Бугари.
„При објавувањето на резултатите, Бугарите воопшто не беа споменати, а директорот на службата рече дека ги претставува само етничките заедници кои се дел од македонскиот устав. При пописот во Северна Македонија само 3504 граѓани се изјасниле како Бугари, т.е. Бугари скоро и да нема. Сепак, повеќе од 100.000 бугарски пасоши се издадени на граѓани на Северна Македонија. Само во последните две години, кога светот беше затворен од пандемијата, бугарски пасоши добија 16.692 граѓани на Северна Македонија, а според законите во Бугарија, државјанин на Северна Македонија за да добие бугарски пасош, мора да го докаже бугарскиот корен. Така, над 100.000 граѓани на Северна Македонија ги докажуваат своите бугарски корени во Бугарија, а во Северна Македонија се плашат да се нарекуваат „Бугари“. Зошто во една нормална, европска земја, како што тврди Северна Македонија дека е, човек би се плашел да каже што е тоа? Затоа што ова не е нормална, европска земја.
Зборувам само по логика – ако Северна Македонија сака да биде нормална, европска земја, т.е. за да бидат дел од Европската Унија, нејзините граѓани мора да можат слободно да се самоопределуваат и нивните права не смеат да бидат прекршени. Така што моето мислење е дека додека тоа не се случи, Северна Македонија едноставно ќе биде дел од Западен Балкан“, рече Слави Трифонов.