Во време на ВМРО-ДПМНЕ работниците имаа едвај 8.900 денари минимална плата, изјави пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска, на прес-конференција за покачувањето на минималната плата која од март ќе изнесува 18.000 денари.
Правејќи споредба со политиките на претходната власт, Тасевска рече дека ВМРО-ДПМНЕ со години ја држела минималната плата замрзната, и до денеска се противи на раст на минималната плата.
„Груевски и Мицкоски ја промовираа нашата земја како рај за евтина работна сила. Денес Мицкоски лицемерно кажува дека ја поддржуваат минималната плата. Додека неговите економисти јавно се противат на покачувањето на минималната плата. Трајко Славевски и Данела Арсовска се први на фронтот за спречување на раст на платите. ВМРО-ДПМНЕ во изминатите четири години ги спречи сите закони кои беа во интерес на покачување на приходите на граѓаните. Ги спречуваше растот на платите на лекарите и финансиската поддршка во време на криза. ВМРО-ДПМНЕ е партија која е против работниците“, рече Тасевска.
Како што додаде, со последното покачување на минималната плата на 18.000 денари, СДСМ успеало двојно да ја зголеми минималната плата за четири години, од онаа од времето на ВМРО-ДПМНЕ.=